Со „хумористично“ видео „Слеп, глув и нем“ ги исмевал лицата со попреченост на TikTok

by valentina 15:58
15:58

Маж создал и објавил „хумористично“ видео на TikTok со наслов „Слеп, глув и нем“!, на кое преку преку карикирање и имитација на слепило, глувост и неможност за говор ги исмевал лицата со попреченост. Поради ова навредувачко видео, лице, со попреченост во видот, поднело преставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која утврди вознемирување врз основа на попреченост.

Пријавителката реагирала дека на снимката се гледа дека видеото е претставено како хумористична содржина со наслов „Слеп, глув и нем!“, придружен со смеачки емотикон.

-Со видеото се прикажуваат и исмеваат лицата со попреченост преку карикирање на „глуво, слепо и немо лице“. Содржината ја доживеав како понижувачка и дискриминаторска и со неа се придонесува кон ширење предрасуди, стигма и потсмевање кон лицата со попреченост, посочила пријавителката.

Авторот на видото пак се правдал дека видеото е дел од меѓународен забавен тренд, чија намера наводно била да се прикажат потешкотиите во комуникацијата и да се поттикне емпатија и меѓусебна помош. Тој изразил жалење доколку некого повредил.

Сепак комисијата оценила дека за постоење вознемирување не е потребна намера за навреда, туку доволна е објективната последица — повреда на достоинството или создавање понижувачка средина.

-Фактот што содржината е претставена како „хумор“ или е меѓународен тренд не ја исклучува одговорноста, бидејќи слободата на изразување не е апсолутна и мора да се балансира со правото на достоинство. Јавниот карактер на TikTok овозможува брзо ширење и зацврстување на стереотипите кон лицата со попреченост, утврдиле од Комисијата.

Оттаму доставиле препораки до сторителот, односно:

1. Да го отстрани спорното видео од својот TikTok профил и писмено да ја извести Комисијата.
2. Јавно да се извини на истиот профил каде што било објавено видеото и писмено да ја извести Комисијата.
3. Во иднина да се воздржува од објавување содржини кои деградираат или стереотипизираат лица со попреченост.

Доколку пак не постапи по препораките во рокот од 30 дена, од Комисијата информираат дека ќе поднесат барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

Валентина Вурмо

Слични вести