Викендов ќе биде дефинитивно познато како ќе изгледа новата влада предводена од мандатарот Христијан Мицкоски, бидејќи кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат потврдени на седници на Извршниот и на Централниот комитет во недела навечер.
Како што е познато, одамна е завршена поделбата на ресори меѓу идните владини коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, со тоа што политичките партии кои се дел од ВЛЕН први ги објавија своите кадри во владиниот кабинет.
Така, лидерот на Демократското движење Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и воедно министер за екологија, додека лидерот на Алијанса за Албанците и се уште актуелен градоначалник на Гостивар Арбен Таравари ќе биде министер за здравство.
Што се однесува до другите двајца лидери од коалицијата ВЛЕН, едниот од нив – Африм Гаши, прв човек на Алтернатива, веќе беше избран за претседател на Собранието. Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, пак, останува градоначалник на Тетово, но затоа неговата партија ќе има двајца министри.
Имено, тоа се Фатмир Лимани, познат и како роднина на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој ќе биде прв човек на реформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади. Вториот е Бесар Дурмиши, кој ќе биде министер за економија и труд. Нивниот сопартиец Седат Сулејмани ќе биде заменик министер за култура и туризам.
Понатаму, министер без ресор, задолжен за добро владеење и транспарентност ќе биде Арбен Фетаи, кој е роден и живее во Брисел. Иден министер и вицепремиер за евроинтеграции треба да биде кадар на Алтернатива, а за оваа позиција се споменува ексминистерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Со исклучок на министерствата за правда и реорганизираното министерство за администрација, кои ги добива ЗНАМ на Максим Димитриевски, сите други ресори одат во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата не потврдуваат ниту едно од имињата што се споменуваа во јавноста, велејќи дека во последен момент може да дојде до промена.
Сепак, според неофицијалните информации со кои располагаме, министер за внатрешни работи сигурно пак ќе биде министерот во техничката влада Панче Тошковски. Иако беше во игра и за генерален секретар на владата, сепак, тој ќе се врати во министерското столче во МВР, кое го напушти по истекот на мандатот на пржинската влада.
Исто така, речиси нема никакви дилеми дека идна министерка за финансии ќе биде уште една блиска соработничка на Мицкоски – Гордана Димитриеска-Кочоска, која воедно е и потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, и другите тројца партиски потпретседатели со огромна веројатност ќе бидат дел од идната влада.
Притоа, според нашите извори, се уште актуелниот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски ќе биде министер за надворешни работи, поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски ќе биде министер за одбрана, а Александар Николоски ќе биде министер за транспорт и воедно вицепремиер.
Во врска со останатите ресори, Весна Јаневска ќе биде министерка за образование, Цветан Трипуновски за земјоделство, Стефан Андоновски за дигитализација, Сања Божиновска за енергетика, Зоран Љутков за култура, Борко Ристески за спорт…
Инаку, Министерството за односи меѓу заедниците треба да замине кај некој од „помалите“ коалициски партнери, како Демократската партија на Србите или Социјалистичката партија, кои може да добијат уште некој ресор со, условно кажано, помала тежина, како и министерство без ресор.
Откако сите имиња ќе бидат дефинирани во партиските органи, мандатарот Мицкоски ќе достави листа со предлози за министри и програма за работа на влада до Собранието, кое, според најавите, ќе има неколку дена да го разгледа предлогот, по што ќе се премине на расправа и гласање.
Влатко Стојановски