Од ЕЗ добивме „црно на бело“ за нашата независност

by Фокус

На крајот од февруари 1992 година, претседателот Глигоров постигнува договор со генералот Аџиќ за повлекување на ЈНА од Македонија. Се случи и првата официјална посета на странска делегација на новата суверена држава.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Дојде и тој момент: На почетокот од јануари 1991 година се објави одлуката на Арбитражната комисија. Во „мислење 6“, Комисијата заклучува дека Македонија… ги задоволува условите од „Насоките… и од Декларацијата за Југославија…“ ( …satisfies the tests in the Guidelines… and the Declaration on Yugoslavia…).

Осврнувајќи се на прашањето за грчкото противење на употреба на името „Македонија“, Арбитражната комисија укажува на уставните и политичките гаранции со кои нашата држава се откажува од територијални претензии и се согласува да се воздржува од непријателска пропаганда против која било соседна држава.

Од ова произлегува дека „…употребата на името „Македонија“ не претставува никакво територијално барање по однос на друга држава“.

Целосно во прилог на нашите аспирации, правното мислење на Комисијата, генерално гледано, широко ги отвори вратите кон признавање на Република Македонија од страна на државите-членки на меѓународното општество, како суверена и независна држава.

Но, во моментот, тоа беше само зелено светло за членките на ЕЗ. Имено, како и во случајот со Словенија, Арбитражната комисија се воздржа директно да препорача признавање, оставајќи ја политичката одлука за признавањето на Македонија и на Словенија, на членките на ЕЗ.

ПОБЕДА

Значи, на 11 јануари 1992 година, дента кога во Париз беше соопштено мислењето на Арбитражната комисија, Македонија извојува голема правна и дипломатска победа и стана препознатлива по својата политика на мирољубиво самоопределување.

Меѓутоа, со мислењето на Арбитражната комисија добивме само правен документ со кој ни се признава правото на суверена држава. Добивме од ЕЗ нешто, што би рекле, „црно на бело“, со кое можевме натаму да се легитимираме во меѓународните односи.

Цврсто стегајќи го во раце тој правен документ, моравме да ја продолжиме нашата битка за независност во светот на политиката, во кој правото е само еден од елементите на меѓународната игра, и не секогаш најважниот.

Првата моја драматична лекција за односот меѓу правото и политиката во меѓународното општество беше унилатералниот потег на Германија, која ги призна Словенија и Хрватска во моментот кога Арбитражната комисија на ЕЗ констатира дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат сите услови да бидат признати.

Политичките поделби внатре во Заедницата го маргинализираа правото. Заради зачувување на единството на сојузот, останатите држави-членки ја следеа Германија во признавањето на Словенија и на Хрватска.

Заради зачувувањето на нивното единство, исто така, ја следеа Грција во непризнавањето на Македонија. Зашто, од моментот кога побаравме независност , Грција внесе раздор во Заедницата.

Имено, таа инсистираше на „историското право“ на името Македонија, како и на античките македонски симболи; ја обвини нашата држава за територијални претензии и за непријателска пропаганда; а по признавањето на Македонија, ја обвини Бугарија за загрозување на безбедноста и стабилноста на Балканот и за тајни планови кон територијата и кон населението на новата држава.

СОПКАТА ОД ГРЦИЈА

Заедницата се солидаризира со Грција, како што претходно се солидаризира со Германија. Југословенската криза, сепак, не беше најважното што го имаа на ум. Најважното за нивните поединечни и заеднички интереси беше нивниот сојуз на дванаесет држави да се обедини околу новиот договор за Европа во Мастрихт.

Јас, пак, морав бргу да учам од горчливото искуство. Да разберам дека пораката на реалистите е вистинита: сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки. Точка.

Но, за тоа ќе ми требаше уште малку време и уште малку горчливо искуство. Тие ведри јануарски денови кога до нас допре радосната вест за позитивниот извештај на Бадинтеровата комисија и тажната вест за германското непочитување на тоа правно мислење, сѐ уште верував во силата на правото и правдата.

Верував дека е ова некаков исклучок од правилото, кое набргу ќе се исправи. Сѐ уште со голема доза на идеализам за меѓународните односи и за иднината на мојата држава, но и со желба да го охрабрам јавното мислење, седнав во кабинетот за да скицирам радио и телевизиско обраќање по тој важен повод.

„Извештајот на Арбитражната комисија е доказ, потврда, дека нема големи и мали, нема важни и неважни народи во Европа денес. Има само големи принципи околу кои се обединува Континентот. Тоа се принципите на мир, соработка и правата на човекот и на народите.

Со своето поведение во едно исклучително тешко време кога војната во Југославија ја понижи цела Европа и нас самите, принудувајќи не да бидеме сведоци на грозни слики на убиени жени, деца и мажи, Македонија цврсто се држеше до спомнатите европски принципи.

Бевме убедени дека е ова друго време, дека ова е друга Европа. Европа која не ја признава силата туку правото…“, се уште полн со идеализам, ќе кажам во јавниот настап. Нешто понатаму ќе истакнам дека „се чини дека, во овој момент на дванаесеттемина им беше потребно да манифестираат единство.

Тоа очигледно можеше само со Словенија и Хрватска. Македонија е секогаш хендикепирана со ставот на Грција кон нас. Затоа ние не можевме сега да влеземе во пакетот иако според извештајот на комисијата на Бадентер ги исполнуваме сите услови да бидеме признаени.

БАЛКАНСКИ КОМОНВЕЛТ НА НЕЗАВИСНИ ДРЖАВИ

„Франс прес“ денес пренесува дека Македонија и Словенија се победници. Извештајот на петте претседатели на уставни судови е зелено светло за секоја земја која смета дека е тоа во нејзин интерес и во интерес на стабилноста на Балканот и на Европа, да не признае.

Очекувам наредните денови тоа да се случи. Убеден сум дека следниот чекор е поединечното признавање од тие држави на ЕЗ што ќе оценат дека е во нивен интерес да го сторат тоа… Жалиме, се разбира жалиме што не сме признати  со останатите држави кога ЕЗ веќе одлучи да настапи со колективна одлука за признавање. Значи, во овој момент немаме признавање, но немаме ниту војна, ниту разрушени градови и села и илјадници убиени…“.

Одлуката на Арбитражната комисија на ЕЗ, сепак, беше зелено светло за сите држави што сакаат да воспостават дипломатски односи со нас да го сторат тоа. На 15 јануари 1992 Бугарија ја призна независноста на Република Македонија. На 6 февруари, Турција воспостави дипломатски односи со нашата држава.

На 12  февруари воспоставивме дипломатски односи со Словенија и со Хрватска. Го стекнавме така првиот наш скромен капитал во меѓународните односи. Во моите белешки наоѓам еден „нон-пејпер“ со кој Србија прави последен обид да не ја загуби контролата врз Македонија, свртувајќи ја нашата надворешна политика во друга насока.

На бел лист хартија на англиски јазик е напишано: „Сојузна Република Југославија е подготвена да ја признае Македонија на заемна основа, доколку Македонија се согласи симултано да изјави дека е подготвена да и се придружи на Југославија во создавањето на Балкански комонвелт на независни држави (БКНД).

Балканскиот комонвелт на независни држави ќе го сочинуваат Македонија и Сојузна Република Југославија, но би бил отворен за членство на која било независна балканска држава.

Концептот на БКНД го предвидува политичкиот суверенитет на сите држави-членки со цел економска соработка и координација на одбранбените и надворешните политики  на начин кој ќе го промовира мирот, просперитетот и стабилноста на Балканот“.

ПРВИТЕ ГОСТИ ВО НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

Не се сеќавам кога, од кого и каде српската страна ми ја доставила на увид „непостоечката-хартија“, а фактот дека била избришана од мојата меморија зборува дека не сум и придал значење на оваа иницијатива на Милошевиќ.

Имено, откога пропадна нашиот заеднички предлог со ЕЗ за шест суверени држави со консултативни органи, во лабава асоцијација, имавме само една стратешка цел како суверена држава – членство во ЕЗ.

Со објавениот став на Арбитражната комисија на ЕЗ и со поддршката што ја добивме од големите сили, веќе знаевме дека не само што себеси се сметавме за суверена држава туку дека и другите не сметаат за таква.

Следеше важен чекор во остварувањето на тоа што се нарекува фактички суверенитет на новата држава. На крајот од февруари 1992 година претседателот Глигоров постигнува договор со генералот Аџиќ за повлекување на ЈНА од Македонија.

Се случи и првата официјална посета на странска делегација на новата суверена држава која би можеле да се раскажува и како симпатична анегдота. Милан Кучан допатува во Скопје за взаемно признавање на двете поранешни југословенски републики.

Воениот оркестар се беше поредил на пистата на аеродромот во Скопје Застанавме и претседателот и јас. Шибаше силен и студен ветер кој полека не заледуваше. Тогаш ни јавија дека авионот со словенечкиот претседател ќе доцни. Воениот оркестар побара засолниште од студениот ветер во еден хангар до пистата.

Постојавме што постојавме со претседателот Глигоров, но ледениот ветер и нас не присили да влеземе во истиот хангар и да им се придружиме на членовите на воениот оркестар.

Сега сите заедно го чекавме сигналот на „човекот-протокол“ повторно да излеземе на пистата и да се раздвоиме како што налагаат правилата: оркестарот да се построи долж црвениот ќилим а претседателот и јас да ги заземеме „државничките позиции“.

Малиот авион со словенечкиот претседател Кучан и министерот за надворешни работи Рупел слета на аеродромот. Одекнаа химните што го означија почетокот на официјалната посета на првиот странски државник на независна Република Македонија.

(Продолжува)

Поврзани новости