Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ до крајот на 2026 година ќе го доврши автопатот Кичево-Охрид, велат од партијата

by Fokus

Неспособната и неодговорна власт на СДС и ДУИ 7 години не направи ниту километар автопат во Македонија, го уништи железничкиот сообраќај до ниво да нема возови кон Кичево и Кочани, а кон Битола да се сообраќа само еден воз дневно кој патува и по половина ден, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа катастрофа која ја оставија зад себе мора да се надмине и во Македонија да се довршат отпочнатите и да се градат нови капитални инвестиции од патната инфраструктура што ќе значи поттик за економијата во земјата.

Согласно направените анализи и градежните капацитети следната влада на ВМРО-ДПМНЕ до крајот на 2026 ќе го доврши автопатот од Кичево до Охрид, кој СДС и ДУИ 7 години не можеше да го доврши. Впрочем власта на СДС и ДУИ само ја зголеми цената на овој автопат до 600 милиони евра и не реализираше ниту 20% дополнителна градба.

Во исто време новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доврши изградбата на експресниот пат од Градско, преку Росоман до Прилеп кој со правилен менаџмент и со јасен план ќе се финализира до 2026 година.

Не само што ќе се довршат фамозните 2 километри од Скопје кон Блаце, туку до крајот на мандатот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во целост ќе се реализира автопатот кон граничниот премин Блаце. Во првата година од новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива паланка, а две нови патни делници ќе бидат испроектирани до ниво на проект, а тоа е експресен пат од Струмица до граничниот премин Ново Село и автопатската делница од Велес преку Чашка до Прилеп“ велат од опозициската партија.

Дополнително, како што додаваат, ќе се инвестира во модернизација на сигнализацијата и безбедноста на патиштата, но и ќе се реновираат и железничките пруги, со цел возовите да можат брзо и безбедно да се движат по нив, бидејќи железничката инфраструктура е неопходна за економски и стопански развој во земјата.

„Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го ветува, тоа и го реализира. Граѓаните тоа го знаат и може да му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментот со власта на СДС и ДУИ никогаш не било полошо во Македонија, и затоа важно е да ги поразиме заедно со народот“ порачаа од партијата.

Поврзани новости