Утре истекува седумгодишниот мандат на гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов. Според предлогот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој треба да биде поддржан од најмалку 61 пратеник во Собранието, Богов треба да го наследи Анита Ангеловска-Бежоска.
Според собраниски извори предлогот за гласање треба да биде ставен на дневен ред на утрешната собраниска седница која е веќе закажана.
Како што стои во биографијата на актуелната вицегувернерка, прикачена на сајтот на НБРМ, Ангеловска-Бешоска е родена на 5.11.1971 година во Гетеборг, Шведска. Таа е мажена и мајка на три деца.
Познава четири јазици, од кои англиски одлично, а делумно руски, италијански и шведски јазик.
Во 1994 година дипломирала на Економскиот факултет во Скопје како еден од тројцата најдобри студенти во генерацијата со просек 9,4, а на насоката маркетинг и надворешна трговија. Во 1997 година завршила постдипломски студии со просечен успех 9,3. Се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија.
Анита Ангеловска-Бежоска е осум години на функцијата вицегувернер во Народната банка на Република Македонија, задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика.
Од 2004 до 2010 година била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон. Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии на Република Македонија каде работела на повеќе позиции.
Во својот анкетен лист доставен до Антикорупсиската комисија идната гувернерка пријавила три стана, автомобил, хартии од вредност, но и кредит. Два од трите станови се проценети на над 6 милиони денари а еден е проценет на 4 милиони денари.