Иџет Мемети се спрема за член на Советот на јавни обвинители

by fokus

Народниот правобранител во заминување, Иџет Мемети е предложен за нов член на Советот на јавни обвинители. Од Собранието за Фокус потврдуваат дека Комисијата за избори и именувања ги изгласала кандидатите, Мемети и адвокатот Љупчо Ивановски и биле поднесени како предлози до Собранието, но на вчерашната седница немаше кворум за да се изгласаат.

Освен Мемети и Ивановски Комисијата до Собранието предложила и нов член за Судскиот совет, Павлинка Црвенковска која работела како судски советник во Апелацискиот суд во Скопје, брифираат од Собранието.

Мандатот на Мемети му завршува на 24 декември, осум години по „црниот понеделник“ кога беше изгласан повторно за правобранител и кога не реагираше при исфрлањето на пратениците од опозицијата и новинарите од Собранието.

На 24 септември почнаа да течат последните три месеци од неговиот втор мандат, но Собранието уште нема избрано негов наследник. Според информациите од таму, огласот за избор на нов Народен правобанител е завршен и сега кандидатите треба да бидат изгласани на Комисијата за избори и именувања, а потоа како предлози да бидат доставени до Собранието. Иако се зборува дека за ова место е пријавен само кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, сепак од Собранието брифираат дека не е само еден кандидат.

Иако на оваа функција треба да седне некој кој беспоштедно ќе ги застапува човековите права, сепак се позивесно е дека и новиот правобранител ќе биде договорен меѓу СДСМ и ДУИ, со оглед на тоа што е предвидено да се бира со Бадинтерово мнозинство. Тоа значи дека Собранието го избира Народниот правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Македонија.

Фокус пишуваше за деспотскиот однос на Мемети на којшто се жалеа вработени во институцијата, но и за сомненијата за злоупотреба кои ги истражува Антикорупциската комисија.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости