Идеолошки близнаци 2

by Фокус

Текстот е објавен на 26 август 2011 година, во деновите по победата на ВМРО-ДПМНЕ на последните парламентарни избори. Тоа „лето на долгите ножеви“ власта го затвори Љубе Бошкоски ден по изборите, а го сруши до земја и комплексот „Космос“ на „предавникот“ Фиат Цаноски.

Пишувал:
Владо АПОСТОЛОВ

Нема сомнеж дека нашиот премиер е прилично религиозна личност или пак барем како таква појава сака да го паметат за век и векови. Тоа ни го докажа во неколку наврати, а последен пат по Господ посегна во експозето кога пратениците повторно ја изгласаа неговата влада. Тој е убеден дека на секој роденден на ВМРО-ДПМНЕ на некој чуден начин Бог ја зголемува партиската радост со по една голема победа, додека во неговата премиерска биографија пишува дека тој има силна верба во Господ.

Кога премиерот може отворено да говори за својата религиозност се надеваме дека нашите читатели ќе ни простат што овој пат како повод за текстов ја искористивме астрологијата. Оние што го гледале документарецот “Зитгајст”, знаат дека според авторите на филмот Библијата не е ништо друго ами едно прилично метафоричко толкување на астрологијата.

Што би се рекло дека сега сме на ист терен со премиерот, тој посегнува по Господ, а ние по соѕвездијата. Едно те исто, де!

Мрази предавници и пијаници, а сака да спортува

НА ИСТ ДЕН РОДЕНИ?!

Токму наредната среда (31 август) месечината ќе биде во знакот на вагата и токму на тој ден премиерот на Македонија ќе го прослави својот 41 роденден, што значи дека ако некогаш му „светне” комотно може да се кандидира за претседател со реални шанси и да биде избран. Она што е навистина интересно е дека според Википедија на истиот ден свеќи ќе дува уште еден државник, нашироко познатиот белоруски претседател Александар Лукашенко.

За волја на вистината оваа интернент енциклопедија не е стопосто сигурна и таму пишува дека популарниот Батка Лукашенко својот 57 роденден може да го слави и ден порано на 30 август. И кога сме се уште кај астрологијата можеме да констатираме со жалење дека ниту Лукашенко ниту пак Груевски се лавови во хороскоп, што ќе рече дека за некој ден промашиле и се родиле една недела подоцна. Но, само еден господ знае – можеби лавот му доминира во подзнакот на Лукашенко, што сигурно не е случај кај Груевски, нормално ако и веруваме на неговата наталната карта што ја направил Дневник. Во подзнак бил Близнаци.

Сепак, за да ги расчистиме дилемите отидовме на официјалната интернет страница на белорускиот претседател и таму во неговата биографија пишува дека е роден на 30 август 1954 година, во едно мало место во Белорусија.

Биографот потенцира дека Лукашенко растел без татко и токму поради тоа на своите плеќи носел голем дел од обврските во семејството. Тоа пак, повторно заклучува биографот – придонело во иднина многу да го почитува трудот и да има посебно чуство за вистина (така пишува!!!).

За разлика од нашиот „пастир“ кој нели работи 24 часа во рамките на 7 дена од неделата, во тој поглед Батка (татко на украински) е прилично поскромен и наводно ‘рмбачел недостојни за македонски услови од 12 до 14 часа. Важно е да се спомене и оти Лукашенко никогаш не бил член на комунистичката партија, а писателот којшто го раскажува неговиот живот смета дека тој е реален и фер човек, макотрпно работи има чувство за неговите обврски и посебно е склон кон принципите.

„Води трезен начин на живот, ги осудува предавниците, пијаниците и оние што не се држат за дадениот збор. Се обидува да најде време за спорт (тенис, лизгање, хокеј и фудбал)”, пишува на официјалната интернет страница на човекот кој западниот свет го именува како последниот диктатор во Европа, но нема никакви информации дали меѓудругото Батка вози позајмен велосипед на пауза меѓу важните состаноци како Груевски!

Не знаеме дали и Лукашенко слуша техно музика, ама пред неколку години една поп-група му посвети песна иако многумина веруваат дека текстот е ироничен, а тој пак ги откупи авторските права. Нашиот Груевски може да се пофали само со фолк-нумерата од Орце Стефковски посветена на неговото „пастирство“.

Кратко кажано, според биографот, Лукашенко е многу порадикален реформист од сите оние што ја уживаат репутацијата на реформатори.

„Опозиционерите во недостаток на аргументи потценувачки го нарекуваат земјоделец. Сепак, претседателот се гордее со фактот дека се посветил и вложил многу напори во земјоделското производство и во луѓето од руралните подрачја”, се вели во описот за Лукашенко.

Нам, пак не ни останува ништо друго туку само да го цитираме кумот на нашиот премиер Зоран Ставрески, од позиција на негов заменик кој во една прилика, пред изборите во 2008 година рече:

“Некои од опозицијата не’ нарекоа земјоделска Влада. И ние сме земјоделска влада и горди сме на тоа…”.

ЧОВЕК ОД НАРОДОТ

По примерот на нашиот „пастир“ и белорускиот Батка не останал не забележан од странските медиуми. Ако за Груевски дури сега почнаа да пишуваат Тим Џуда и „Економист“, на интернет веќе со години може да се најдат куп профили за Белорусија и за нејзиниот лидер, харизматичниот бркоња.

Пријатели

Пријатели

Едни од посериозните медиуми што ја обработувале оваа тема се британските „Индепендент“, „Би-би-си“ и „Телеграф“ и германските „Дојче веле“ и „Шпигел“.

Во нивните очи Лукашенко е човек кој сака да го снимаат телевизиите како вози комбајн и жнее или онака сосема случајно да го уловат камерманите како води чамче муабет со рударите.

“Се продава како обичен човек кој ги разбира маките на обичните луѓе. Тој стана шампион на просечните Белоруси коишто нагалено си го викаат Батка (татко)”, пишува лондонски „Телеграф“ во една анализа од 2008 година.

Поранешниот премиер на оваа земја, денес опозиционер Михаил Чигир вели дека Лукашенко е неспособен да го смени мислењето и оти тој буквално не слушал совети од никого.

И анализите на овие западни медиуми покажуваат дека Лукашенко имал страст кон спортот. Тие истакнуваат една случка кога популарниот Батка го откажал состанокот со претседавачот на Советот на Европа поради фудбалски меч. Едноставно не можел да разочара публика од 50.000 навивачи кои чекале и тој да се појави на натпреварот.

Лукашенко и Груевски имаат причина повеќе посвечено да го прослават нивниот роденден следната недела. И двајцата во изминативе 365 дена извојуваа уште една победа на изборите и тоа е четврт триумф на Лукашенко како кандидат за претседател на Белорусија и трет на Груевски како кандидат за премиер.

Германскиот „Шпигел“ ги има анализирано причините заради кои Лукашенко редовно добива околу од 80 отсто од гласовите. Според нивниот текст стабилноста и скромниот развој, националистичкиот курс и опозицијата без заби се трите извора од каде Батка ја црпи сигурноста во себе.

Неколку месеци пред изборите во декември 2010 тој ги зголемил пензиите за преку 20 отсто на 2.5 милиони постари Белоруси, а ветил дека во наредната година ќе ги покачи и примањата на докторите и на учителите.

Исто така, Лукашенко се фали дека ниту една друга земја од поранешните советски републики не изградила повеќе станови од неговата влада – броено по глава на жител.

Интересно е и како, според странските медиуми, се доживуваат опозиционерите меѓу обичниот народ во Минск и во остатокот на државата.

“На нив гледаат како на нарцисоидни луѓе, авторитарни и поединци коишто се контролирани од надворешни сили. Но, има причина зошто опозицијата зависи од донациите на Западот – таа не може да смета на поддршката од локалните бизнисмени во Белорусија. Исто така опозцијата има малку можности да дебатира со Лукашенко бидејќи тајната полиција постојано ги затвора и ги деморализира критичарите на режимот”, пишува германски „Шпигел“.

ЗБЕСНАА ПО ПОБЕДАТА НА ИЗБОРИТЕ

Каква било споредба меѓу Груевски и Лукашенко пред изборите на 5 јуни во Македонија би била навистина претерана, но по се што се случи од денот на гласањето па навака паралелите просто кажано сами се влечат.

Како што велат анализите Лукашенко имал неколку противкандидати, па дури им било и дозволено да се претстават на националната телевизија. Нас пак ни текнува дека МТВ поради чудни технички причини не можеше да организира дебати за партиите коишто учествуваа во изборите (среќа за опозицијата што тогаш барем ја имаше А1).

А интересно е и дека „Дојче веле“ потсетува оти Лукашенко толку бил сигурен во победата што не учествувал во тв-дебатите со останатите претенденти за неговата фотелја. Западот и Европа очекувале многу од изборите во Белорусија во декември минатата година.

Околу тоа пишува Владимир Кобетс кој ја водеше кампањата на противкандидатот на Лукашенко Андреј Саников во весникот Народна волја:

“Секој оној што беше запознат со развојот на изборната кампања сфати дека Западот ги затвораше очите на се што се случува пред денот на гласање со цел тивко да се реши белорускиот проблем. Токму затоа земјата беше вклучена во програмата Источно партнерство на ЕУ, Минск го посетуваа високи преставници на унијата и први луѓе на некои држави членки. ММФ го продолжи кредитирањето (н.з. звучи познато!!!)”, пишува Кобетс и потсетува на она што се случи само часови по објавувањето на изборните резултати лани на 19 декември.

Неколку претседателски кандидати вечерта биле уапсени и повредни од полицијата бидејќи учествувале во демонстрациите против изборниот резлутат. Еден од нив бил и токму Саников лидерот на движењето Европска Блорусија, а меѓу другите во притвор е и неговата сопруга Ирина Калип, која инаку е новинарка. Саников во мај годинава е осуден на петгодишен затвор поради, како што велат белоруските власти, организирање на масовни нереди.

Крајниот скор од оваа полициска акција е околу 700 приведени меѓу кои најмногу се опозиционери, новинари и активисти во невладиниот сектор и многу од нив се соочуваат со казна затвор од дури 15 години.

Значи, аспењето на противкандидатите денот по изборите е нешто што е својствено за Груевски и за Лукашенко, само што ние имаме малку повеќе среќа и останавме само на приведувањето на Љубе, без А1, неколку лустрациски процеси и со троа динамит под зградата на Фијат Цаноски.

Инаку, Би-би-си уште во 2001 година забележало дека министрите кои биле со Лукашенко (а подоцна тој ги сменил или го напуштиле) често биле малтретирани, затворани а некои дури и ги снемало. Жива среќа што Цаноски, како поранешен портокалов пратеник, се уште е тука некаде по Скопјево.

Главен адут на Лукашенко во борбата против опозицијата и критичарите е тајната полицијата која се уште го носи советското име КГБ. Еден текст во британскиот печат е посветен и на оваа институција.

“Седиштето на КГБ се наоѓа во центарот на Минск и на локалното население им е познато како Американка. Никој не знае како комплексот го добил името, но сите во Белорусија знаат дека тоа не е местото каде сакаат да завршат.  Самата зграда однадвор воопшто не изгледа опасно и има жолти ѕидови и коринтијански столбови на влезот (н.з. вид на античка архитектура)”, пишува британски „Индепендент“.

Барокната зграда на тајната полиција

Барокната зграда на тајната полиција

ПИСМА ОД ДУЊА

На официјалниот сајт на ОБСЕ може да се најде писмото кое Дуња Мијатовиќ, преставникот за слобода на медиумите од оваа организација, му го пратила на Лукашенко на почетокот од јули годинава. Со писмото виенската канцеларија на ОБСЕ му порачува на популарниот Батка да стави крај на притисокот врз медиумите во Белорусија по изборите на 19 декемви 2010, кој според ОБСЕ е без преседан.

“Ви се обраќам директно на Вас како на највисока инстанца за да ја мобилизирате целата влада за да се заштитат сите медиумски работници во Белорусија. Да се заштитат од стравот, малтретирањата, тужбите, затворањата, насилството и од тортурата. Да се заштитатат и од затворање на медиумите”, му порачала Мијатовиќ која само еден месец подоцна мораше да прати писмо со слична содржина на македонските власти.

Барем не се мачела одново да го пишува, туку удрила копи-пејст и нешто ублажила – сепак се уште овде не владее Лукашенко! Како и да е, некој ќе рече дека во Минск нема канцеларија на фондацијата „Сорос“ и затоа не може и по таа основа да се прават некакви споредби меѓу Македонија и со Белорусија.

Точно е дека во Белорусија нема преставници на милијардерот Џорџ Сорос, но до 1997 година негова фондација работела во Белорусија. На интернет може да се најде вест од „Њујорк тајмс“ во која се информира дека белоруските даночници (под контрола на Лукашенко) и’ изрекле казна на фондацијата од 3 милиони евра за некакви прекршувања при менување на парите од една во друга валута. Овој потег портпаролот на „Сорос“ во Белорусија го окарактеризирал како обид да се затвори канцеларијата, а слично нешто изјавил и американскиот милијардер со унгарско потекло.

Четири дена по роденденот на Лукашенко во 1997 година Сорос ја затворил канцеларијата, односно клучот на оваа фондација е удрен само четири месеци по изречената парична казна од 3 милиони евра. Што е и разбирливо, ниту еден вистински патриот не сака соросоиди!

Како што почнавме со астрологијата така и ќе завршиме со оваа дициплина. Имено, на 31 август (роденденот на Груевски) ама многу одамна, само што почнала нашата ера – во 12 година е роден третиот римски император познат во историјата како Калигула.

Според некои историски извори, коишто ги цитира Википедија Калигула во првите две години од неговото владеење бил благороден и умерен лидер. Но, подоцна станува многу суров тиранин.

И како што вели оваа енциклопедија третиот римски цар најголем дел од владеењето посветил на амбициозни градежни проекти и за тоа време направил многу луксузни живеалишта за себе. Сепак, може нашиот премиер да верува во Господ, но ете ние да си кажеме оти многу- многу немаме верба во хороскопот, па дури и кога ни погодува. Читаме само од забава!

Поврзани новости