Идеологизиран романтизам

by Fokus
Bogojeski
Има еден обид на мицињата, кои повикани од нивното комунистичко минато, предлагаат со одлука на македонскиот парламент да се „заузда вистината“, но, за среќа, не се носители на политичките процеси во земјава и остануваат изолирани во нивниот обид за нова дополнителна идеологизација на македонската историја на комунистички темел.

Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист

Македонската историја е идеологизирана! Со тоа мораме да се согласиме. Дали некој го боли или не, вистината е таа. Бугарската историја е романтизирана! Со тоа мора да се помират Бугарите. Иако се воспитани од болшевизмот, да не прифаќаат реалност, туку само она што ѝ одговара на нивната власт, сепак има доволно бугарски граѓани кои се веќе европеизирани и кои ќе разберат дека веруваат во „бајки од минатото“. Решението е деидеологизација на македонската и деромантизација на бугарската историја, како прв чекор. Потоа е потребна објективизација на двете истории и го имаме конечното решение!

Што значи идеологизирана?

Кога една политичка доктрина – идеологија ќе се наметне врз науката, во случајов историографијата, добиваме идеологизирана или доктринизирана наука. Тоа е наука која промовира „научни резултати“ по нарачка на една политичка организација, во случајов комунистичката партија. Не е важно дали тоа го прави по нарачка на комунистичка, фашистичка, нацистичка, либерална или која било политичка идеологија. Резултатот е секогаш ист. Тоа е слично на денешните одлуки на бугарскиот „европејски“ парламент, кој со политичка одлука им налага на бугарските историчари што да пишуваат, каква „историска вистина“ да промовираат, по нарачка. Сосема исто. Денешна Македонија е далеку поевропска од европејскава Бугарија. Не сме деидеологизирани, сè уште живееме во „филмот на комунистите“, но барем историчарите може да пишуваат што сакаат, науката може да соопшти што сака, без никакви ограничувања на политиката. Има еден обид на мицињата, кои повикани од нивното комунистичко минато, предлагаат со одлука на македонскиот парламент да се „заузда вистината“, но, за среќа, не се носители на политичките процеси во земјава и остануваат изолирани во нивниот обид за нова дополнителна идеологизација на македонската историја на комунистички темел. И онака сме доволно идеологизирани. Време е за обратна одлука на македонскиот парламент, а тоа е охрабрување на македонската наука да ја соопшти вистината, да работи слободно врз база на научни факти и докази, да се ослободи од стегите и стравот на минатото и да влезе во фаза на „ослободување“.

Треба да имаме разбирање и за тие историчари, кои твореле по нарачка. Едноставно Југославија била во создавање, имала внатрешен отпор за комунизирање, надворешен отпор за консолидирање, а нејзиниот лидер Тито имал насушна потреба да ја зацврсти својата власт на база на идеологизација на секоја пора во општеството, вклучително и историјата. Затоа сите противници на комунизмот се лошите, а сите комунисти се добрите. Не зашто Тито не знаел за тоа. Знаел и тоа многу добро. Но, таа пропаганда создавала поддршка кај народот, клучна за да опстои власта. Секогаш е исто, дали е Тито, Сталин, Хитлер, Цезар или кој било. Дури и демократијата има таква пропаганда, дека е најдобро можно уредување, во кое народот живее најдобро. Ние во тоа веруваме и затоа поддржуваме републиканско уредување. Се е тоа пропаганда во интерес на одржување на воспоставениот систем на управување, наречен власт.

Што значи романтизирана?

Тоа е наметнување нереална слика врз сопствената историја. Пластичен пример е како Александар Македонски ги опишувал своите походи кон Индија, каде што опишувал дека на дрвјата имало нов вид на луѓе, џуџиња со долги бради и кои фрлале стотици копја врз македонската фаланга. Тие биле пострашни и поопасни од самите војници на кралот Пор, дури пострашни од големите слонови, кои од устата плукале специјални коскени копја. Станува збор за мајмуни во индиските џунгли, а не за брадести џуџуња. Но кога раскажувал Александар, особено како ги победиле „џуџуњава“, тоа било воодушевување за народот и тоа ја кренало славата на Аце големиот до вселената. Таа постои до ден денес. Исто така прават и Бугарите. Во стилот на Ацо, тие ја воспеваат секоја можна битка на бугарската армија со мистични достигнувања, секој можен подвиг со неверојатни „хвалоспејки“, сè живо што се мрда по земјава е бугарско, сите се Бугари, до степен да грофот Дракула бил исто Бугарин. А не сакаат да прифатат дека „Второто бугарско царство“ е романско, а не бугарско, а грофовите кои биле дел од таа династија, вклучително и славниот Дракула, биле од романското стебло.

Бугарија има најромантизирана историја од сите останати во светот, може повеќе и од српската, која тоталниот пораз и бегството преку Албанија за време на ПСВ, го претставува како херојски подвиг на српската армија. Тоа е тоа, Балкан, што да се прави. Се додека Бугарија не се соочи со реалноста и не се зафати со деромантизација на нејзината историја, се до тогаш ќе им се смее цел свет во фаца, како што сега им се смеат Чешка и Словачка, на тврдењето дека Светите Кирил и Методиј биле Бугари. Почнаа и Австријците и Унгарците да им се потсмеваат до степен, мајтап да прават со нив по Брисел. Ако во историјата постојат душмани на Бугарија и бугаризот, тоа се токму Кирил и Методиј. А денес за бугарската романтизирана историја да станат двајцата најголеми Бугари на средниот век. Бугарите мора да отрезнат од овој романтичен болшевички сон.

Како да се направи тоа?

Ние да си гледаме во нашиот двор, а Бугариве ќе ги оправат вистинските европски демократии.

Прва фаза на деидеологизација на нашата историја е да се извадат на „пиедестал на срамот“ луѓето кои ја идеологизирале историјата по налог на комунизмот. Значи само “историчарите идеологизатори”, а не народот! Народот не може да биде виновен за нешто што правеле луѓе на режимот, иако тој народ ги поддржувал во тоа време. Само така може низ историјата! Друг начин нема! Нема! Не може народ да се обвини! Само Хитлер го обвинил целиот еврејски народ и сето тоа завршило со холокаустот! Обвинувањата на бугарски политичари кон македонскиот народ е нов холокауст на 21ви век! Скандалозно, но вистинито! Не да им судиме, само да се посочат „виновните“.

Втората фаза е македонските граѓани, особено студентите и учениците да се однесат на посета на местата на теророт. Да видат каде се тие „гробишта со бројка“, без име на покојникот! Да видат каде завршиле „непријателите на народот”, односно некомунистите! Да видат каде се убивани луѓето, кои не сакале да го прифатат комунизмот, како нивна идеологија или политичка определба! Ништо друго не е потребно. Само да се соочиме со страшната суднина на нашите сограѓани, антикомунисти.

Трета фаза е издигање споменици со критична содржина за комунизмот! Музејот на жртвите од комунизмот е еден добар пример за тоа. Добар почеток, кој треба да се следи во уште неколку форми на различен начин и концепт! Да се прогласи Ден на борците за независна Македонија.

Четврта и последна фаза треба да биде помирувањето / обединувањето на внуците на комунистите и на внуците на жртвите на комунизмот, во име на заедничката иднина во новата европска Македонија!

На овој начин, устата на Бугарија ќе биде зачепена, нивните аргументи пред институциите на ЕУ ќе исчезнат, а Македонија ќе се декомунизира пред пустата демек европејска Бугарија. Така си купуваме карта за Европа. Карта за Македонци, напишана на македонски јазик, со македонски печат.

 

 

 

Поврзани новости