Иако пресудата за „Тенковски делови“ е правосилна, Бучковски не влегува веднаш во затвор

by fokus

На осудените им остануваат уште неколку месеци на слобода, бидејќи најпрвин на сите нив, но и нивните адвокати треба да им се врачи пресудата на писмено, а потоа откако последниот од нив ќе ја прими, тече рок од 15 дена по кој одлуката станува извршна.

Како што Бучковски ни објасни, веднаш штом ќе ја прими пресудата ќе поднесе и вонреден лек до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата. Во вакви случаи, праксата покажува дека најчесто се чека одговорот од Врховниот суд, кој често пати стигнува пред казната да стане извршна.

Бучковски смета дека конечно правдата ќе ја добие од Врховниот суд.

-Откако ќе ја добијам пресудата, ќе поднесам вонредно правен лек за вонредно преиспитување на пресудата. Седум години трае овој судски процес и толку време ја барам правдата, но досега не ја добив, вели Бучковски, кој според првостепената пресуда беше осуден на казна затвор од три години.

Покрај Бучковски, две години затвор според одлуката на Апелација доби и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски, поради случајот со набавките на тенковски делови.

Апелацискиот суд ја преиначи одлуката и во однос на другите обвинети. На Ацо Ѓурчевски, поранешниот државен советник во Министерството за одбрана и на Нелко Менкиновски, како и на директорот на МЗТ ФОБ Митре Петковски наместо затворски, им се изречени условни казни.

-На обвинетите им се изрекува алтернативна мерка – условна осуда во која за секој од нив пооделно се утврдува казна затвор во траење од по една година која нема да се изврши доколку тие во време од 3 години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело”, соопшти судот.

 

Поврзани новости