Седум лица добија кривични пријави за физичката пресметка и пукањето на платформата за чамци кај кањонот Матка, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Осомничените М.С.(40), Ќ.С.(23), М.С.(47), И.С.(25), Р.И.(24), Б.Е.(32) и В.К.(24) се товарат дека сториле кривично дело насилство.
„На 09.5.2020 околу 15:10 часот пријавените пристигнале на платформата за чамци во кањон Матка во сопственост на А.С.(40), С.С.(41) и С.С.(31), сите од Скопје. Веднаш потоа, првопријавениот физички го нападнал А.С., додека четвртопријавениот со нож му се заканувал. Потоа, второпријавениот физички го нападнал С.С.(31). Во тој момент се вмешал полициски службеник, кој се обидел да ги раздели и да ја смири ситуацијата, но првопријавениот од пиштол за светлосно-звучна сигнализација испукал еден проектил кон оштетениот А.С.“, се појаснува во соопштението од МВР.
Претходно медиумите објавија дека меѓу учесниците во инцидентот е и внукот на доскорашниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, кој, според иницијалите на пријавените, е меѓу седумината кои заработија кривични пријави.