И меѓународно лиценцирана лабораторија од Солун потврди дека гевгеличани се уште пијат вода со присуство на отровниот елемент арсен. Во еден литар вода од гевгелискиот водовод се регистрирани 18 микрограми арсен, потврдуваат од Арсена, граѓанска иницијатива која со години наназад алармира за отровите во водата за пиење.
Арсена вели дека, резултатите од анализите покажале присуство на 80% поголема концентрација на отровниот металоид од стандардите на Светската здравствена организација и Правилникот за квалитет на води на РМ пропишан од 2008 година.
„Изминативе години Општина Гевгелија и локалното комунално претпријатие ги негираа странските резултати како неточни, упатувајќи дека тие се некомпитабилни со анализите на Институтот за јавно здравје на РМ, кое пак од 8 март минатата година одби да врши анализа на водата од Гевгелија за потребите граѓанската иницијатива Арсена со образложение дека водата е токсична и нема потреба да се прават и понатаму анализи. Извештајот за физичко-хемиската анализа на примерок вода од градскиот водовод во Гевгелија е направен според меѓународни стандарди на ЕУ, според ISO 17025, со употреба на методот „O.B.01.040 ICPMS 3125 A,B Mod. St.Met“. Ова е трета анализа што Арсена ја прави во странска лабораторија во изминатите 10 месеци, што значи на секои три месечни анализи присуството на арсенот во здравствено недозволиви количини е потврдено“, се вели во соопштението.