Под мотото „Патиштата се различни, целта е една“ денеска пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија почна протестниот марш по повод одбележувањето на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот којшто се слави во чест и сеќавање на борбата на работниците за унапредување на нивните права.
– Ве повикувам сите да маршираме достоинствено до Собранието и Владата каде ќе ги предадеме 15 синдикални барања, изјави на почетокот на протесниот марш претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски.
Учесниците на протестот од пред зградата на ССМ се упатија кон македонското Собрание од каде ќе маршираат кон Владата на Република Македонија, каде ќе бидат испорачани синдикалните барања за подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор.
Неколку различни синдикати денеска организираат протестни маршеви со различни почетни точки, а сите на крај ќе се сретнат пред Влада.