И Слави Трифонов го враќа мандатот за формирање влада во Бугарија

by Fokus

Лидерот на втората по големина политичка сила во Бугарија по изборите – „Има таков народ “, Слави Трифонов на Фејсбук објави дека неговата формација ќе го врати мандатот за формирање влада, бидејќи нема потребен број пратеници или партнери за да обезбеди стабилен парламентарен состав за мнозинство.

-Понудената поддршка е од политички субјекти кои се штетни, алчни и докажано дека се компромитирани. И ова не е нивна поддршка, туку зависност, наведе Трифонов.

Новите формации во парламентот – „Демократска Бугарија” и „Исправи се! Мафијата надвор” – прогласија подготвеност за поддршка на кабинет со мандат на „Има таков народ”, но тие не можат да обезбедат мнозинство од најмалку половина од пратениците.

Старите партии – ГЕРБ, БСП или ДСП – исто така најавија дека ќе гласаат за формирање влада, но досега партијата постојано ја исклучуваше таквата можност.

Трифонов најави дека кандидат за премиер на неговата партија ќе биде светската шампионка во шах Антоанета Стефанова, која има економско образование и зборува пет јазици, но таа според него „веднаш ќе го врати мандатот”.

Слави Трифонов завршува со навестување за предвремени избори: „Законот, Уставот и демократијата ни даваат можност да направиме подобар избор”.

Поврзани новости