Истекуваат рестриктивните мерки, можни се извесни олеснувања за празниците

by Fokus

Во случај Кризниот штаб да го потврди трендот на опаѓањe на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица, како што беше најавено минатата недела, можно е да се разгледа опција за отворање на терасите и градините на угостителските објекти, а полицискиот час, наместо од 20 часот, да почнува од 21 часот, а делумно да се дозволи и тренинзи во фитнес центри и теретани на отворен простор.

Мерките би биле на сила од 27 април до 15 мај
Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за лична заштита од ковид-19 истекуваат утре, а се очекува денеска Комисијата за заразни болести да ја анализира епидемиолошката состојба по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.

Во случај на потврдување на трендот на опаѓањe на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица, како што беше најавено минатата недела, Кризниот штаб ќе разгледа опција за отворање на терасите и градините на угостителските објекти, а полицискиот час, наместо од 20 часот, да почнува од 21 часот, а делумно да се дозволи и тренинзи во фитнес центри и теретани на отворен простор. Мерките би биле на сила од 27 април до 15 мај.

Од Кризниот штаб минатата недела потенцираа дека предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозаразени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од ковид-19 и активните протоколи за функционирање во услови напандемија.

Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со епидемијата бележи надолен тренд, а мерките дадоа резултат.

Сепак, тој посочи дека искуството ни покажа дека таа многу брзо може да се дестабилизира доколку не се почитуваат мерките.

-Пред нас следат празници, слободни денови и убаво време. Да ги искористиме одговорно, да не се групираме и да не ги кршиме мерките за заштита“, објави вчера Филипче на својот фејсбук профил.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 314 случаи со ковид-19, 27 починати и 557 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 16 858, од кои 7 597 се во Скопје.

На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1 507 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 587 пациенти во Скопје.

Поврзани новости