Завчера во Домот на културата во Општина Лозово се одржа традиционалната предновогодишна манифестација по повод денот на општината. Настанот кој траеше четири часа, со бенд во живо, наградна игра и хумористични точки, се случуваше без публика, а се пренесуваше онлајн.
Изненадувањето се случи кога дојде ред да се извлекуваат наградите. Пејачката Цеца која ги извлекуваше наградните лозови, и самата во неверување, откри дека наградата шпорет ја добила Вероника Велковска, ќерка на градоначалникот на општината, Аце Велковски.
-Без лаги, без превари, шпоретот го доби ќерката на нашиот градоначалник, неколкупати повторуваше таа.
За кратко, на настанот се појави и Вероника, која се заблагодари за наградата и изјави дека семејството ќе ја донира на семејство од социјален ризик. Сепак, приказните дека станува збор за ,,наместена” работа, се проширија на социјалните мрежи.
Во телефонски разговор за ,,Фокус” градоначалникот на Лозово вели дека сакал да ги расположи граѓаните со забавна програма, и покрај тоа што е пандемија и се слушаат само лоши вести, и жали што многумина грешно го протолкувале настанот.
-Јас имам три деца, тие живеат и учат надвор од земјава. Си дојдоа за празниците, а лозовите за наградната игра се продаваа во населбата, сите купуваа. Така, и моите деца си купија по еден лоз. Кога Вероника беше извлечена како среќен добитник, веднаш знаев што може да следува, затоа и ја пратив среде манифестација да појасни дека шпоретот ќе го донираме – појаснува Велковски.
Вели дека главната награда била скутер, се доделила и микробранова печка, телевизор… Тврди дека дури и скутерот да го добиело некое од неговите деца, истиот ќе бил дониран, без размислување.
-Јас имам шпорет, што ќе ми е уште еден? И скутерот да се паднеше, и него ќе го дониравме, бидејќи некој ова го користи како негативна кампања против мене. Веќе трета година по ред пред празниците ги посетувам сите социјално загрозени семејства, им носам пакети, така и во наредните денови таа традиција ќе продолжи, а ќе ви пратам и точни детали за семејството кое ќе го добие шпоретот. На предлогот Атиџе Муратова од ,,Медена земја”, која е од нашата општина, да го добие шпоретот, информиран сум дека таа веќе има шпорет, затоа ќе биде подарен на друго семејство. Ете, тоа е чиста среќа, така се погодило, што треба да правам? –вели градоначалникот.
Манифестацијата се одржувала во Лозово по 24-ти пат, а годинава настапија групата ,,Виртус” и естрадните уметници Цеца и Александар Михајлов.
-Прв градоначалник сум кој во ова време реши да направи онлајн кабаре за да се расположат луѓето, а коментарите дека шпоретот ,,наместено” го доби ќерка ми, се со цел да ми се фрли дамка – вели тој.
Вики Клинчарова