Текстот е објавен на 10 јуни 2011 година во неделникот „Фокус“.
Како човек, кој секоја неограничена власт во недовршена демократија ја доживува како своевидна демократура, искрено се залагав да дојде до смена на власта, оти трет мандат за една ваква структура, која самата си се прогласи за преродбеничка, ќе им биде такво погонско гориво, што само небото ќе им биде лимит, а нам само Господ ќе може да ни помогне. И така, од се што чувме и видовме во предизборните кампањи, онака најблагопријатно ми легнуваше на уши спотот на Обединети за Македонија, кога се будиш на 6 јуни, Груевски и фамилијата не се веќе на власт, а ти се чувствуваш СЛОБОДНО. И тргнуваш со критичка опсервација на новите што доаѓаат. Оти, нели, власта е таа што распипува, а не опозиционерството!
Арно ама, велат дека победата ја однеле „реформите“ и демократурата на Груевски, па, како што и прогнозирав, за 24 часа тие прогресираа со светлосна брзина. Да, прв на ред дојде човекот што ветуваше дека со автобуси ќе ги спроведува во Шутка и Идризово, и кој вообичаено ги ословуваше како „бандо криминална“. Љубе Бошкоски беше спектакуларно уапсен, во преродбенички стил – сцената да може да ја набљудува неговиот син, а за да не се чувствуваат дискриминирани другите членови на неговото семејство, кои, ете, го пропуштиле овој „реформаторски“ чекор, во најкус можен рок ресорот на пријателката на Амди Бајрам од Двојката (Гордана Јанкулоска) го обеси видео-клипот на официјалниот сајт на МВР. За ова, бре, заслужуваат бел бумбар со златни крилца, ем некоја портокалова туфничка!
Но, предноста на оваа груевистичка направија е што тој „свечен“ момент за победниците – апсењето, од ранг на фрлање лопата на некое селско игралиште, вака е достапен и за сите бивши колеги на Љубе од ВМРО-ДПМНЕ. Кој знае што радост удрил конкурентот му од Тројката, Влатко Ѓорчев. Дали на ова повеќе се израдува отколку на „растурот“ на Фуере во Брисел, како што тоа го прославија овде љубителите на барокот? Ма, душички преробенички, со предавниците – кои и Соња Тарчуловска ги опеа, можеби и така треба. Ете, сега можеби ќе се потсмират. Предавникот Љубе сега како криминалец е во зандани. Се надевам дека барем уживаа во моментот!
НАМЕСТО ВО ШИШЕ, БИЛЕ ВО КЕСА!
За волја на вистината, цела една година се вртеа, море како шило бодеа шпекулациите дека Љубе е на црниот список на „лопатарите“. Се осмелив пред половина година и да прогнозирам, дека, простете, ама без лажна скромност морам да се цитирам себе си:
„Откако не успеа операцијата „Предавник“ сега се во игра шпекулациите дека се работи на тоа наскоро, во 2011-та, Љубе да му стане цимер на Велија во Шутка. Се разбира, ќе се најде нешто. Ако не се откријат злоупотреби или ако тие застараеле, нешто ала Раштански лозја не му гине, колку да се разликува од Рамковски“!
И не сум сепак Клеоптара, ама после агресивната „Предавник“ следуваше токму деновиве финишот на операцијата „Кампања“. Ете, ќе пукнам што ни во сон не помислив, а не пак да прогнозирам, дека Љубета за „црни пари“ црни Грујо ќе го уапси?! Зошто? Па, затоа што луѓе мои, сите партии се потенцијални кандидати за една операција „Кампања“, ама ДПМНЕ е најкандидат.
И тоа сум го срочила во последните неколку изборни циклуси, наведувајќи низа сомнителни моменти од изведените им прескапи кампањи наспроти срочените им извештаи. Ама, види чудо, тие самите себе си не си се сомнителни, па, изостанала акција за докажување на сомнежите!
Да, тоа е финтата. Можеме сите ние да имаме најсериозни сомнежи за некакви финансиски дубари на поединци, ама треба да си власт за да можеш да го гониш тоа, да наредиш прислушување, следење, агенти-провокатори и слични ми ти алатки. Да бев јас министер за внатрешни, ама не и Шврговски обвинител, ем судството „реформирано“ од Михајло, мислам дека ќе можев да докажам дека македонските политички партии сиве овие две децении се финансираат по систем „ташнаревиќ“ црни коферчиња и останати такви салтанати. Арно ама, невидена глупост е дури и да помислиш, дека Гордана Јанкулоска ќе се прислушува себе си, Груевски или Протогер, нели?
Да победеше опозицијата, гарант ќе следевме некаква операција „Портокалови црни милиони“ со која ќе добиевме некаков случај за нивното финансирање, се надевам барем не и во нивната омилена продукција – „Застава филм приказује“ туку, едноставно, колку за расчистување на дубиозите од овој сегмент. Доколку е сал оваа партија на тапет, повторно ќе сметав дека битката е селективна, како што сега тврдам дека сценариото за Љубе е одамна обмислено, одмазничко и драматично селективно!
Значи, да повторам, се е во тоа, чиј сомнеж е порелевантен. А таков е секогаш оној на властодршците. На сите нас, останатите, сомнежите ни се гола вода, за која евентуално ќе попиете некоја клеветнички скроена кривична пријава. На пример, откако јавија дека 100.000 евра на Љубета му ги нашле во кеса, јас веднаш си реков дека утнал што не му биле во шише. Тоа за Сашо Мијалков и Гордана не е нешто провокативно за акција „Шише-кампања“!
Втората грешна мисла ми беше дека можеби го апсат Љубе заради гласачките ливчиња што ги обнародија во штабот ноќта, кога Влатче хистеризираше над згазените сдсмовци во Тројката. Некој, во било која партија, да има гласачки ливчиња, тоа е, богами, повод за серизона истрага. Па, не е тоа лото ливче, кое може да се купи во секоја трафика! Или од ОМ ги имаат однекаде киднапирано или некој правел мучки со гласачките кутии, трето нема! Но, види чудо светско, никој не ги изесапи овие ливчиња!? Јави се Јужнааааа… Шврговски, алоооо!!!
Туку, истиот што се одѕива на функцијата јавен обвинител, не се возбуди ниту кога Велија Рамковски кусо време пред апсењето обзнани дека од владата на Груевски во изминатите години добиле 4,5 милиони евра за реклами. Потточно, кога веќе го прават криминалец, реши да ги отвори картите – дека со државни пари му плаќале и за партиските кампањи. Појасни дека од оваа сума, 225 илјади евра биле од ВМРО-ДПМНЕ. И уште нагласи дека за се што зборува – постојат документи!
„Има вирмани, тоа е трага, колку платиле владата и ВМРО -ДПМНЕ. Маркетинг служба ќе ги достави сите документи и до европските институции и до Собранието, па нека формираат комисија, за да го истражат ова. Од тие 4 и пол милиони евра, милион и двеста се платени од владата, како за рекламирање на владините проекти, ама ние сметаме дека се од партијата. На пример, во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ одеше со реклами на нашата телевизија, но, подолг период не ни плаќаше. Баравме да го намират долгот и тогаш рекоа дека можат да ни платат на ваков начин. Тогаш реков, добро – платете“, јавно наведе Рамковски, но Јанкулоска тогаш ја плетела Пајажината, а Шврговски и така не трза без аутфит од МВР-то!
ВМРОВСКИТЕ ДОНАТОРИ НЕ ЗНААТ ДЕКА ДОНИРАЛЕ!
Но, ајде да се потсетиме, како се финансира ДПМНЕ под раководна палка на Груевски. Е па, вака стојат работите. Ако во 2006-та, според партискиот рапорт, дури и како опозиција имаа најскапа кампања – околу 1.250.000 евра, на вонредните парламентарни во 2008 веќе како власт, повторно се главни со пријавени 1.288.000 евра. За „локалецот“ во 2009 објавија дека им бил трошок од околу 1.213.000 евра, и уште скоро 1.100.000 евра плус за изборот на Ѓорге Иванов за Претседател.
Значи, партијата на Груевски за три години потрошила само за изборни „зафрканции“ околу 5 милиончиња, што говори дека го бива за пари, без оглед дали е на власт или во опозиција. Овие последниве, каде од секое ќоше не гледаше пастирот од билборди, ич да не ги споменувам. Во вторите извештаи што сега партиите ги доставија до ДИК, ВМРО-ДПМНЕ пријавила дека 400 донатори поединци дале по илјада евра за кампањата, но дека биле потрошени 6 и пол пати повеќе или над 2, 7 милиони евра!
И формулата на вака успешна финансиска корпа им се донации од членството. Ако 166 лица дале пари за Ѓоле, плус уште 50-тина му се нашле со услуги; ем за локалните уште 273 лица, физички нели, дарувале пари; ако во 2008 повторно од „физички“ добиле дури 42 милиони денари, а во 2006-тата беа накај 90-мина, тогаш очигледно вмровците не ја почувствувале светската криза.
Или е во игра познатата шема, кога газдите им даваат „кешовина“, а штабовите таа црна пара ја легализираат како божемна донација од членството. „Да оди некој да ги распраша 500-те донатори, по колку пари дале за кампањата, се обложувам дека добар дел не ќе ја погоди сумата“ – напишав пред две години.
И, да не бидам нарцис, само себеси да се преприкажувам, ќе одадам големо признание на истражувачката сторија на Мери Јордановска и на Ивана Костовска, објавена во 2009 година, а се однесуваше на финансирањето на изборната кампања во 2006 година. Сторијата беше резултат на повеќемесечни истражувања, поддржани од Данската асоцијација за истражувачко новинарство, а ги проверуваше забележаните донатори во извештајот потпишан токму од Јанкулоска.
Се јавиле новинарките кај тогашниот претседател на Сојузот на студентите на универзитетот Св. Кирил и Методиј, кој бил наведен дека заедно со неговата мајка и сестра вложиле вкупно речиси 10.000 евра во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, наведениот донатор им изјавил дека првпат слуша за донациите, ем бил вџашен, дека на списокот на донатори фигурираат имињата на членови на неговото семејство, за кои тврди дека никогаш не ја финансирале владејачката партија!!!
Но, обидот да проверат донации и кај партиските функционери од списокот, наишол на смешни реакции. На пример, градоначалникот на Кавадарци не знаел колку донирал за ВМРО-ДПМНЕ, која го има кандидирано, оти, слушајте внимателно – тој не дал на едно место, туку на повеќе места!? Арно, де, ама според листата доставена до ДИК, тој вложил 250.000 денари за кампањата на ДПМНЕ! Ма, што се за него 250 илјадарки! Градоначалникот на Босилово, пак, им одговорил дека вложил 200.000 денари, иако на листата на донации на ВМРО-ДПМНЕ пишувало дека дал дури 100.000 денари повеќе!!!
Во проверката на партиските донации открија, дека дваесеттина имиња на донаторите за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се совпаѓаат со имињата и презимињата на земјоделци што тогаш добивале субвенции од Владата. Секако не биле поасални ниту донаторите на другите партии, ама предизвик ми се овие што сега апсат за валкани пари во изборна кампања. Опозицијата ја оставам за обработка на новинари експерти за „обљуба врз немоќно лице“, односно кои покажуваат невидена новинарска „храброст“ за вадење нож на мртов Германец. Секако, истава порака важи и за работата на тимот на Шврговски!
ТЕШАТ НАВРЕДЕНИ ОД БРАНКО, АМА НЕ И УБИЕНИ ОД ТИГРИ!?
Да се вратам на Бошкоски и на најавите дека за нешто ќе биде апсен што се вртеа цела година. Сега дознавме дека Љубе бил следен и прислушуван два месеци, од почетокот на април и во текот на целата изборна кампања. Кривичниот закон, пак, е изменет на 13 април 2011, ден пред распуштање на парламентот. Во сета фабрика за штанцање законски измени, ретко кој забележал дека токму тогаш е дополнет кривичниот со дело за злоупотреби во финансирање на изборната кампања за одговорно лице во правното лице.
МВР сега поднесе кривична пријава против лидерот на ОМ поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“ како дел од акцијата „Кампања“. Два месеци е прислушуван и следен, а во тој период го менуваат и Кривичниот законик. Дали и членот го стокмија, за да имаат што поголема казна? Оти, ќе повторам уште еднаш и кој знае уште колку пати, партијата на Груевски е најсомнителната само заради огромните суми евра што ги плеснува во изборните кампањи, а ги покрива со донации од физички лица, кои, ете, некогаш и не знаат дека им ја помогнале кампањата!!!
Притоа, МВР не открива дали „валканите пари“ со кои наводно го фатија човекот што ги ословуваше со „бандо криминална“ се од донатор или од полициски агент!? Тоа, пак, дава нијанси, оти занимливо е дали и како донаторот станува заштитен сведок, или, пак, откако му се намерачиле а не нашле доволно штоф во претходните сценарија за апс, се отишло на ова?
Но, не кажуваат така лесно професионалците на Јанкулоска. Тие, ете, дури ни убиството на момчето, кое се случи при славењето на изборната победа, немаа храброст да го признаат на време. И сега, делува мизерно сцената кога во кампањата Гордана оди со подобни ТВ камери да го теши нивниот лик од изборниот спот што го оставила жена му, а Бранко го исмејувал, што сега не смогна сили да отиде кај родителите на убиенот Мартин. Всушност, се извинувам, не знам кој бил тоа од ВМРО што ги посетил и убедувал да не кажуваат дека „државата им го уби синот“!
Познато е дека вистината можат да ја откријат вистинољубивите, а не властољубивите. Како дипломиран правник, убедена сум дека дури и апсолвент ќе можеше – ако сака, се разбира – да го доработи она што новинарките на А1 го документираа за уцена на луѓе да гласаат за владеачката партија. Но, од кабинетот на Шврговски писмено информираа дека немало докази, оти врз адмнинистрацијата се вршел притисок!? И, најсимпатичниот момент ми е фактот дека Шврговски ова го соопшти последниот ден пред изборниот молк! Според моите поимања на правото и правната држава, овој потег го доживеав како дополнителна опасна порака до евентуално, еве, да речам – уценетите гласачи. После ваквиот став на Шврговски „кутрите“ и да сакале да плукнат душа на тацна, сигурно виделе колку е часот. Па, си рекле, да си немаш проблеми – гласај по „нареѓењу“!
Да, со ова минувам на изборите кои, според мене, иако сум во ужасно малцинство, беа проследени со перфиден изборен криминал. Не, не велам дека немаше ВМРО-ДПМНЕ да победи, но, длабоко верувам дека, според дел од мучките што сепак беа уловени, добар дел од гласовите особено од руралните средини биле измучкани во партиски штаб.
Правам разлика меѓу оние скачки на запалени гласачи, кои ги третирам за изборни инциденти на поединци. Веќе реков, сега зборувам за оние кои мирисаат на организиран криминал. Такви се регистрираните случаи кои индицираа дека се возел Бугарски воз. Оние пак, неколкумината кои беа фатени дека ги фотографирале гласачките ливчиња, можеби дури ги покажувале потоа на оние што Шврговски не можеше, бре, да ги докаже. И тука е уште и неизбежниот фолклор – купувањето гласови!
СЛИКАНО ЛИВЧЕ ЗА СПОМЕН НА ИЗБОРИТЕ!
Сите овие случаи, по дефиниција, налагаат учество во криминалот на повеќе лица. Па, треба ли како на деца од забавиште да објаснувам, дека тој што го сликнал ливчето зад параван, сигурно не го сторил тоа за „успомен и дуго сеќање“. Кому требал да му го презентира како меница, пардон, доказ за верност? Она што уште повеќе збрлавува од кулирањето на Шврговски е односот на изборните комисии при ваквите криминали.
Да, луѓе, КРИМИНАЛИ, а не инциденти. Во Бутел, на пример, на избирачкиот одбор им дале инструкции од ИК, дека треба да го прецртаат тоа гласачко ливче, без да се види за кого гласал и да повикаат полиција!!! Ма они не смеат да видат кој е нарачателот, за чија љубов го овековечил ливчето фатениот, туку сал од кај независната Јакулоска, сега ќе чекаме резултати од евентуална акција „Мобилка“!
Во Кавадарци, пак, на фотографот зад параванот, сите му го виделе неговиот мобилен телефон, а сликата била избришана! Овде ќе паднев во несвест од „бистроќата“. Има уште поинтелигентно продолжение – настанот бил регистриран и заведен во дневникот за гласање, ама, чујте и почујте – ливчето си било регуларно! Крај на приказната. Ете, можеби „сопругата“ ќе му пати што не можела да го види гласачкиот дострел на оваа фотосеанса!
Како втор бисер што ме „препороди“ е снимката со Ромите во Битола, каде си кажуваат поединци, се разбира, дека им плаќаат по 500 денари од глас. Беа споменати како „донатори“ токму од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Она што барем ме насмеа е кога еден, кој требаше да заработи од кругчето зацртано зад параванот, скромно си кажа дека не се ценка – колку ќе му даделе, оти – „Колку ќе дадат на сите, толку и за мене“!
И, сега, да прашам вака, како припадник на најмалото малцинство во земјава:
Мислите ли дека некој немал каде да си ги арчи парите, па тргнал да ги почести гласачите што ќе му исполнат желба?! Или, можеби тука станува збор за штабско сценарио, кое повторно го третирам како изборен криминал? Туку, секој си ја има цената, некој за 500 денари, друг за неколкукратно повеќе, колку што е месечна плата на блискиот што му го вработиле. Ем сите ние го плаќаме, ем тој е верен до гроба на моменталниот чувар на народните пари!
Одиме натаму. Кога ќе направиш една изборна дубара, а таа иако апла видлива нема да ти донесе казна, тогаш не е „сапрајс“ ако дубарата добие креативна преродба. Ако СДПМ, партијата чиј претседател е Бранко Јаневски, која на изборите во 2006 и 2008 се прослави со проектот „двојници“ (кандидати со ептен слични имиња на носителите на листите на СДСМ, со што успеа да им земе неколку илјади гласови), потоа станува преродбенички директор на Управата за боречки прашања, при што Шврговски нормално „није одавде“ а Јанкуловска не доби порив да спроведе акција „Двојници“ како Кампања, тогаш каде би ја насочиле истрагата за креаторите на оваа изборна дубара?!
И „борецот“ не е чудо што сега истрча со флаери на кои е сликата на лидерот на СДСМ, Црвенковски, а до него бројот 13 на СДПМ, а не 10 на СДСМ. Или, којзнае, можеби Бранко е крив, онака во садо-мазо напад решил да се самоказни, колку да го компромитира адутот на Груевски?!
Патем, ниту неодамнешната изјава на Филип Петровски, дека „двојниците“ биле Еурека на Влатко Ѓорчев, за што наведе дека бил и сведок, не ги возбуди ни Шврго ни Гоца. Веројатно, Бранко им има направено некоја „маџија“ за тие да не можат да удрат акција. Е, како, бре, при толку далавери, сал Љубе им делувал инспиративно?!
ДЕМОКРАТУРА ОД АНТИЧКИ КАЛИБАР
Овие три случаи, сметам дека се доволни како типични егземплари на организиран изборен криминал. Сите смрдат на портокалова блувотина, но МВР и Обвинителството се здадени цели два месеци по Љубе, па немаат ресурси, нели, да поместат дупе, да истражат кој е нарачателот и организаторот на овие дубари. Веднаш да расчистиме дека воопшто не е битно, дали на ваков криминален начин биле регрутирани 5, 500, 5.000 или 50.000 гласови. Она што е трагично за демократијата, па била таа и демократурка од антички калибар, е тоа што овие дешавки говорат за филозофијата, етиката, демократскиот хабитус и домашното воспитание на оние кои треба цела држава да ни водат.
Тој партиски штаб, кој украл и само 10 гласа, говори дека чинот на кражба не му е морална пречка, туку начин за „подобро утре“ и дека можеби само толку успеал или толку можел. А, посебна енигма е:
Колку ли вакви дубарџии не беа фатени на дело? Но, ете, не броевме мртви и ранети, немаше скршени изборни кутии, па ова да ти биле фер и демократски избори, ем чесни и поштени. Освен, се разбира, предавникот Љубе, кој единствено влегол во шема да прима пари на црно!!!
И, најпосле, да се посветам токму на изборната единица 3, каде Влатко Ѓорчев се збрлаве од радост, дека го згазил СДСМ како шлепер жаба. По сите демократски тертипи, тој би можел да биде нов лидер некогаш во ДПМНЕ, оти, батка, никој па ни Грујо не направи таква разлика – дури 4 пратенички места, како Ѓорчев! Да не ми замери некој, нормално дека овој успех не би бил таков, да не бил појачан од првата „пратиља“ на носителот- Ѕинго. И сега, уште повеќе е успехот збудалувачки ако се земе предвид дека таму во Тројката, кутриот Влатче појачан со Ѕинго требаше да бие битка со Предавникот и прислушуван иден криминалец Љубе, па тука е ем Стојанче Ангелов од Достоинство, ем Марјан Додовски од Народна на Љубчо, кој барем остана запаметен по „рестартирањето“ на Дојранското езеро, што изгледа е „сиќа“ за нацијата наспроти генералската победа на Влатко врз Фуере во Брисел!
И таму каде за десницата е најгусто, Влатко триумфира со социјалистички благослов „иза леѓа“ толку голем што Грујо може вода да му носи. А таман да настапи изборниот молк, провладината ТВ и онаа прогласена од американската амбасада како владин мегафон, не просветлија со веста за отровните писма што Стојанче и Љубе си ги размениле дента. Кој го е тоа смислил, ич не е повод за некаква акција „Писма“ во МВР, ама и Шрговски не е по писмата! Можеби му прозвучеле како вистински! Паднале од небо, како дар од дедо Боже! Не е тоа Љубе, па да го сплескаш набрзинка!
Значи, да сумирам, дури и од Викиликс сега дознавме дека и американскиот амбасадор Филип Рикер, како и добар дел од јавноста, апсењата со голем публицитет што ги љубат Груевци, ги прочитал како манипулации. И нему, како и нам, му било јасно дека Груевски има двоен аршин во неговата навидум борба со корупција и криминал. И тој, како и Љубе „предавникот“ се чуди зошто нема никакви акции за внатрешните луѓе на Груевски, за кои уште ќе додаде дека „се нашироко познати по својата корумпираност“?
И сега, логично е човек да праша: Дали ваквите оценки на Рикер, дека конкретно наведените Мијалков и Јанакиевски се „нашироко познати по својата корумпираност“ постизборно ќе повлечат некоја акција од МВР? Да го апсат – тешко, но, повеќе сум на мисла дека ќе настапи можеби оној ешалонот на плукаџии со специјални задачи – да се урниса угледот на американската „мета“!
Но, драги мои, Рикер и така си ги пакува куферите. Ние, пак, кои остануваме овде, останува и да си ги биеме битките со „реформите“ кои не’ уназадуваат. За утеха, добиената битка, не значи и добиена војна. Но, дотогаш ќе мора да се издржат сите демократурни проблесоци. За среќа, тркалото сепак се врти!
Стојанче АНГЕЛОВ, Достоинство
МИ ПРИЗНАА ОД ДПМНЕ, ДЕКА ПИСМАТА СЕ НИВНО ДЕЛО!
Во саботата на 4 јуни, генералот Стојанче Ангелов безуспешно се обидуваше да демантира едно тешко подметнување, кое беше пласирано токму последниот час пред да настапи изборниот молк. Биле отпечатени лажни писма, во кои наводно Стојаче и Љубе Бошкоски се препукуваат со низа сочни навреди. Во првичната реакција, која заради изборниот молк не можеше да биде објавена, Ангелов го посочи шефот на изборниот штаб на ДПМНЕ, Мартин Протогер, како креатор на овој валкан и нечесен напад!
„Човек од аналитичкиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Штип ми призна дека ова е нивно масло, но, ме убедуваше дека јас ќе сум имал корист од „акцијата“ оти целта им бил Бошкоски!? На мојата реакција: Како не ви е срам?- добив одговор: Генерале, ова политика е! – изјави Ангелов за „Фокус“.
Она што за ВМРО-ДПМНЕ е политика, мене ни наликува на организиран изборен криминал. Во секој случај, според квалитетот на хартијата на која биле испечатени стотици илјади лажни псима, генералот Ангелов има сериозни индиции во која печатница е извршен ваквиот криминал. Ако Шврговски е љубопитен, слободно нека го праша!