И половина затворска казна го променила Вранишковски

by lali 12:36
12:36

Вранишковски се издвојува од другите затвореници, кај него казната имала ефект, иако е одлежана само половина, тој се вклопил во процесот на ресоцијализација и од него се очекува да не ги повтори кривичните дела. Овие неколку поенти ги посочува судот во одлуката со која расчинетиот владика Јован се ослободува од пет и пол годишната затворска казна, за две кривични дела, перење пари (3) и затајување (2,6).

Во однос на неговото поведение во затворот судот заклучува дека Јован е возрасна личност, со завршено високо образование, смирен, повлечен, социјализиран како личност, воздржан, потекнува од семејство на интелектуалци. Се наведува дека имал солидни услови за живеење во семејството, истиот е со оформени хигиенски и работни навики. Осудениот е примерен, ги почитува одредбите од куќниот ред, нема сторено никаков дисциплински престап или прекршок и не му се изречени дисциплински казни. Осудениот во целост го прифаќа третманот, активно учествува во него, има коректен однос со останатите осудени лица, а во комуникацијата со службените лица покажува високо ниво на почитување.

- Advertisements -

Според ова, судот проценил дека во конкретниот случај постигната е целта на казнувањето и може да се очекува дека во иднина осудениот ќе се однесува во склад со законските прописи.

„Процесот на ресоцијализација кај осудениот е во целост постигнат со оглед дека осудениот е со беспрекорно и примерно поведение, истиот е исклучително добра личност која нема поголеми побарувања освен во однос на болеста со оглед дека е дијабетичар и потребен му е посебен режим на исхрана каков во затворот не може да се обезбеди, во делот на ресоцијализацијата е контактибилен, прилагоден на куќниот ред кон кој се придржува. Со оглед на наведените карактеристики на осуденото лице и неговото беспрекорно поведение, истиот се издвојува од другите осудени лица, поради што Казнено поправната установа каде осудениот се наоѓа на издржување на казната затвор, се јавува како подносител во молбата за условен отпуст.“- стои во одлуката на Основниот суд Скопје 1.

Практично надлежните институции ја изведоа целата операција без при тоа Вранишковски да поднесе некакво барање за ослободување. Иако таквата можност тој ја имаше и малку претходно, со истекот на една третина од казната. Но вака тој изигра сигурна варијанта- остана малку подолго зад решетки, но ги натера надлежните да започнат постапка, а МПЦ јавно да повика на негово ослободување. Секако во прилог му оди и посетата на рускиот владика Иларион кој директно од државниот врв побара Јован да излезе од затвор.

 

Поврзани новости