Поранешниот министер за земјоделство и актуелен генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски и неговата избраничка Андријана денес прават голема свадбена веселба во хотел во Скопје. Николовски за „Фокус“ потврди дека денес се случува настанот со којшто и официјално започнува ново поглавје во нивните животи.
Познат како голем хуманитарец, кој во многу наврати донираше на ранливи категории, посебно на децата без родители, и за време на овој весел чин генералниот секретар не заборавил на солидарноста. Како што вели тој, на поканите за гостите е истакната насока како подароците одат во хумана цел.
Парот минатата година во октомври се венчаше во интимна атмосфера во манастирот Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Тогаш, Николовски ни изјави дека се решиле за интимна атмосфера со најблиските, односно со другари од детството и со блиските роднини да направат венчавка во нивното родно место, а подготовките за свадбата биле во тек.
Тој ја запроси Андријана лани, кон крајот на месец јули во словенечкото гратче Порторож покрај брегот на Јадранско Море, чие име во превод значи пристаниште на розите. Се знаеле цел живот, бидејќи и двајцата се по потекло од ист град, и долги години биле заедно.
Освен што е голем хуманитарец, Николовски е и доста скромен човек кој не сака јавно да ги експонира своите хумани гестови. Информацијата до која дојде „Фокус“ дека свадбените подароци ќе имаат хумана намена само кратко ни ја потврди.
Негови блиски лица велат дека тој дури и не сака јавноста да знае кога и кому донира, но секогаш е подготвен да помогне без многу галама и не сака да си прави промоција од своите дела. Тој е единствениот кој во времето додека беше министер ги донираше сите свои дневници на СОС Детско село, за што доби и признание.
-Многу пати ги посетувам децата во СОС Детско село, ги засакав… Среќата е поголема кога даваме, отколку кога примаме, барем за мене е така – ни одговори лани Николовски на прашањето зошто го прави тоа.
Вики Клинчарова