И клубот „Цар Борис Трети“ е избришан од Централен регистар

by Fokus

Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид е избришан од Централниот регистар, откако претходно министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението со кое се забранува здружение да го користи името на оваа контроверзна личност.

Министерот Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

Од Министерството за правда посочија дека Комисијата смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество и дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата и тогаш најавија дека Решението ќе биде доставено до Централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.

Во образложението Комисијата за имиња наведе дека бугарскиот цар Борис Трети е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани.

Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.

Претходно со одлука на министерот за правда, а по мислење на надлежната Комисија, од Централниот регистер беше избришан и бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

 

Поврзани новости