И кичевскиот градоначалник од ДУИ со критики до Владата!

На иста линија како и припадниците на „огнената група“, градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари упати критики до власта, кои се однесуваат на градската болница и автопатот Кичево-Охрид, при што побара поголема гласност од министерот за економија Крешник Бектеши.

by Фокус

Покрај членовите на таканаречената „огнена група“, незадоволство од министрите на ДУИ изрази и градоначалникот на Кичево од редовите на оваа партија, Фатмир Дехари, кој упати јавни критики поради одолговлекувањето на изградбата на кичевската болница, но и поради застојот на автопатот Кичево-Охрид.

Говорејќи на овие теми во емисија на МТВ 2, Дехари го спомена и министерот за економија Крешник Бектеши, кој доаѓа токму од Кичево. Според кичевскиот градоначалник, Бектеши треба да биде, како што вели, погласен во насока на реализација на овие проекти.

Не сакам да штедам никого затоа што сакам да го штедам животот на граѓаните и на секој човек кој е свесен за градската болница. Лошото во сето ова е што финансиските средства постојат, тие се доделени, сите процедури за реализација на овој објект се завршени и состојбата останува статус-кво – рече Дехари.

Воедно, тој додава дека проблем за Кичево е и изградбата на автопатот Кичево-Охрид, што, според него, не треба да се отфрли како проблем и за него требало и треба да се крене гласот.

Поминаа 8 години. Реализацијата на овој проект започна во 2014 година и предвидената динамика беше 4 години. Сега, очекувањата се дека ќе заврши во 2023 година, но за жал нема сигнали дека може да се реализира – рече кичевскиот градоначалник.

Инаку, овие негови ставови временски коинцидираат со писмото што Изет Меџити, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Невзат Бејта и други функционери на ДУИ го упатија до партискиот лидер Али Ахмети, од кого побараа промена на првиот вицепремиер Артан Груби.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт во контакт со Дехари, но тој не одговори на нашето прашање каков е неговиот став за барањата и позициите на „огнената група“, која, исто така, испорача низа критики до владините министри од редовите на ДУИ, бидејќи, според нив, немаат легитимитет на базата.

Неофицијално, една од причините зошто тој засега одбива да се приклучи кон оваа иницијатива е присуството и потписот на поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери, кој своевремено беше најблизок соработник на Ахмети. Според партиски извори, Дехари не сака да се идентификува со Џафери.

На последните локални избори, Дехари успеа да освои уште еден градоначанички мандат со победа во вториот круг, откако во првиот круг загуби од ривалот од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи значен број на гласови му откина Фатмир Лимани, роднина на Ахмети кој се одвои од ДУИ и денес е потпретседател на Беса. Во штабот на Лимани, како што велат од ДУИ, учествувал и Џафери.

В.С.

Поврзани новости