Во правниот совет со кој ќе претседава премиерот, Зоран Заев, а кој ќе биде надлежен за реализацијата на реформите во правосудството, ќе членува и специјалниот јавен обвинител, односно Катица Јанева, која ја извршува оваа функција.
Како што изјави денеска Заев, во правниот совет треба да членуваат практичари.
-Кога се работи за реализација или имплементација, според мене, а така и правните советници ми кажуваат, дека треба да бидат практичари луѓе, значи веројатно во таквиот совет ќе влезе претседателот на Врховниот суд, претседателот на Скопје 1, веројатно ќе влезе јавниот обвинител, веројатно ќе влеезе специјалниот јавен обвинител, една од апелационите единици, веројатно ќе има претставник од здружението на судии или претседателот на Здружение на судии, претставник или претседателот на Адвокатска комора, луѓе практичари кои треба да влезат, потпомогнати од граѓански активисти и експерти или од експерти од професорската фела – рече премиерот.
Во врска со тоа што меѓу советниците на премиерот ќе бидат и претседателите на Врховниот и Кривичниот суд, Јово Вангеловски и Зоран Караџовски, Заев рече дека се зависи од нивните мандати.
-За мене, почнувајќи од Зоран Заев па до кој било функциониер, се е минливо и менливо, така што не гледаме на самите личности. Еве на пример, Апелација Скопје има претседател кој е на крајот на својот мандат, но одиме со Апелација, ние не знаеме дали ќе биде сегашниот претседател и колку неговиот мандат ќе опстои или ќе дојде нов. Не се водиме од името и презимето на личностите кои што ги водат институциите. Врховниот суд во еден ваков совет не смее да биде незастапен, така што верувам дека играјќи со позициите, на крајот треба да има коректив и внатре и ова треба да ги даде најдобрите можни решенија во интерес на граѓаните и на правосудството во Македонија – додаде тој.