И Грција е во пламен, гори островот Евија

by fokus

Големи пожари беснеат во Грција и во Турција. Во Грција досега загинаа две лица, а во Турција осум. Во Грција поради повреди во пожарите хоспитализирани се 20 лица од кои четворица пожарникари, а двајца се на интензивна нега.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис утрово и се обрати на нацијата.

„Ги уверувам сите што се погодени од пожарите дека тие се мој приоритет. Целата спалена земја повторно ќе биде пошумена и ќе го смениме пристапот за заштита од поплави и пожари“, рече Мицотакис.

Во грчкиот главен град паѓа пепел, а целиот град мириса на чад. „Затворете ги сите прозори и не излегувајте“, апелираат властите од Атина.

„Ако не успееме да ги ставиме пожарите под контрола, ќе имаме проблем“, изјави заменик гувернерот на атинската област, Василик Кокалис, задолжен за цивилна заштита.

Кокалис додаде дека се уапсени три лица за подметнување на пожарите. Оганот гори на островот Евија, и во близина на Олимпија и Спарта на полуостровот Пелопонез каде што се спроведени масовни евакуации.

Поврзани новости