Советот на Народната банка на редовна седница донесе регулаторни измени со коишто се овозможува банките и штедилниците со промена на договорните услови да го олеснат финансискиот товар и на кредитокорисниците на кои кредитот им е одобрен во периодот од 1 до 24 март оваа година.
Поконкретно, со одлуката донесена во текот на минатиот месец беа опфатени кредитокорисниците коишто до крајот на февруари немале проблем со отплатата на кредитните обврски. Со донесените дополнителни регулаторни измени, сега се овозможува ист третман и на клиентите на банките и штедилниците коишто добиле кредитна поддршка во текот на март, до стапување во сила на регулаторните измени согласно со коишто веќе беа објавени понуди за одложување на наплатата на кредитните обврски.
Советот донесе и одлука со којашто се укинува надоместот за давање податоци на физички лица од Кредитниот регистар на Народната банка за нивната задолженост кон банките и штедилниците. Понатаму, сите граѓани коишто ќе имаат потреба, потврдата од Кредитниот регистар ќе ја добиваат бесплатно, со што ќе се придонесе за олеснување на нивниот финансиски товар, соопшти по седницата Народната банка.
Донесени се и измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот, со коишто се обезбедува посоодветна примена на одредбите на Европската регулатива за капиталните барања.
Советот на Народната банка, којшто на седницата ги усвоил и Годишниот извештај за 2019 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2019 година, констатирал дека централната банка успешно ги остварува своите цели, а банкарскиот систем е подготвен да се справи со шокот од корона-кризата.
Како што е посочено во Извештајот, во текот на минатата година, ликвидносната позиција на банките дополнително се подобри, главно поради растот на ликвидните средства, којшто е највисок во последните девет години.
Во овој период, токму структурниот вишок на ликвидноста и добрата капитализираност на домашните банки, придонесуваат за нивниот солиден капацитет и подготвеност да излезат во пресрет на потребите на своите клиенти. Особено значајно е и што минатата година, изложеноста на банкарскиот систем на кредитниот ризик е намалена. Стапката на нефункционалните кредити на нефинансискиот сектор се намали до историски најниско ниво од 4,8 проценти, односно 95,2 проценти од кредитите на банките се сервисираат редовно или со задоцнување најмногу до 90 дена, велат од Народната банка.