Сакаме да видиме секторот правосудство да биде пополнет со професионалци кои ќе уживаат доверба, за кои нема да има сомнежи за нивниот интегиртет, за нивната прифесионалност, па ветингот може да биде еден од инструментите којшто може тоа да го гарантира, изјави еврокомесарката за правда Вера Јурова на прес конференцијата на првиот ден на Министерскиот форум – ЕУ Западен Балкан за правда и внатрешни работи.
„Го слушнавме искуството на Албанија како тече тој процес (ветинг) таму, тоа не е лесен процес, во Северна Македнија се уште не е започнат. Сигурна сум дека Северна Македонија ќе најде свој начин како да гарантира секторот правосудство да ужива високо почитување. Тоа е строг и логичен предуслов да порасне довербата на луѓето во судството и обвинителството“, изјави Јурова.
На форумот беше порачано дека пристапот до правдата се најважни елемeнти од кои полза имаат и граѓаните и бизнисот.
Јоурова повтори дека се уште се потребни сеопфатни и одржливи реформи во клучните области и оти напредокот низ овој процес на проширувањето е, пред се, во рацете на земјите од Западниот Балкан.
-Владеењето на правото е во сржта на процесот на пристапување на ЕУ. Комисијата е подготвена и понатаму да ги поддржува своите партнери од Западен Балкан преку финансиска, техничка и експертска помош, рече еврокомесарката, додавајќи дека на форумот се дискутирало за реформите во правосудството, за бробата против корупцијата и организираниот криминал, за темелните права, за функционирањето на демократските институции, а делумно и за реформата на јавната администрација.
Финската министерка Ана Марија Хенриксен истакна дека нејзината земја има фер политика кон проширувањето кое, како што рече, е инструмент на промоција на мирот.
-Верувам дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ. Сепак сите критериуми за членство мора да се исполнат пред да се стане член на ЕУ, а особено реформите во сферата на владеење на правото што е од суштествена важност. Потребен е и напредок во слободата на медиумите, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сакам да ја истакнам и важноста на младите тие се нашата иднина и многу е важно да се слушнат и нивните ставови, рече министерката Марија Хенриксен.
Ветинг во судството за после изборите најави и премиерот Зоран Заев и министерката за правда, Рената Дескоска. Според нејзе, по изборите доколку останат власт, ќе се испитува имотната состојба и влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки.
Во Албанија се направи ветинг на сите судии и обвинители, односно се изврши проверка на нивните квалификации, нивниот имот и позадина, како и проверка на интегритетот и поврзаноста со организираниот криминал. Од досега вкупно 185 евалуирани судии и обвинители, 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале својата функција, додека 80 го паднале ветингот и се отповикани. Понатаму, 29 судии и обвинители сами се откажале од овој процес, а има уште 615 судии и обвинители кои треба да го поминат процесот на ветинг.