И директорката на кумановската болница во самоизолација

by fokus

Директорката на кумановската болница, Снежана Захариева, вели дека засега не и е утврден корона вирусот, но сепак ќе остане во изолација, бидејќи присуствувала на седницата на општинскиот кризен штаб.

-Почитувани, со оглед на тоа што сум дел од Општинскиот кризен штаб и присуствував на седницата во проширен состав, сакам да соопштам јавно неколку работи што се однесуваат и на мојата здравствена состојба и на моето постапување во новонастанатата ситуација.

Јас не сум тестирана на КОВИД 19 во ист ден со другите членови на штабот бидејки два дена пред нивното тестирање, на 10.04.2020 година добив негативен резултат од претходно мое тестирање. На 15.04.2020 година, сите вработени од ЈЗУ Општа болница Куманово кои бевме на работните места испративме примероци крв во Институт за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје. Мојот резултат официјално, на меил, го добив вчера, во вечерните часови, како и резултатите за поголемиот дел од вработените.

Само двајца имаа покачен титар на ИгМ антитела, меѓу нив не сум јас. Овие вработени ќе направат и брис за да се потврди присуство на вирусот. Мојот резултат е со низок титар на ИгМ,немам серолошки знаци за присуство на вирусот, а имам покачен титар на антитела од типот ИгГ. Во извештајот немам препорака за отстранување од работа, но со оглед на тоа што бев во иста просторија во која имаше неколку позитивни членови на штабот, ќе останам дома, во самоизолација. Дали и кога треба да направам тест ќе одредат компетентни лица за оваа проблематика, колегите епидемиолози.

На овој ден, голем христијански празник, ќе посакам на сите добро здравје и помин на болеста на најлесен можен начин. Јас продолжувам со обврските од дома до добивање на инструкции за мој натамошен начин на работа од страна на епидемиолозите.

Воедно им посакувам брзо закрепнување и надминување на состојбата на најлесен можен начин на градоначалникот Максим Димитриевски дел од членовите на ОШЗС и сите граѓани кои се позитивни на КОВИД19, вели директорката.

Во кумановската болница има над 60 заразени лекари и медицински персонал од Ковид-19.

Поврзани новости