И денеска „Збогум Никола“

by Фокус

Граѓаните обединети во движењето „Протестирам“ и денеска протестираа за оставка и понесување одговорност на целата Влада. Се собраа во близина на владината зграда, но бидејќи пристапот до неа повторно беше оневозможен од полицијата, тие се упатија кон Собранието на Република Македонија.

Демонстрантите повторно го носеа платното на кое пишува „Збогум Никола“ и извикуваа „Нема правда, нема мир“ и „Оставка“. Протестите ќе продолжат секој ден во 18:00 часот.

Меѓу присутните денеска беа и претставници на Средношколскиот пленум, кои утрово го прекинаа бојкотот и кампувањето, поради игнорантскиот однос од Министерството за образование, кое, како што рекоа, го изгубило легитимитетот.

-Им благодариме многу на МОН за игнорантскиот однос. Им поднесовме барања, но не добивме ништо. Единствениот јазик кои тие го знаат е јазикот на заканувањата, стравот, притисоците кон средношколците, родителите. Единствено нешто добро што направија од МОН е што успеаа да не сплотат сите средношколци од цела Македонија. Ние не запираме тука и ќе продолжиме да се бориме за подобро образование, рече средношколката Филипова.

Барањата на граѓаните кои протестираат остануваат исти:  итна оставка и преземање одговорност на целата Влада, итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму и формирање на Влада за демократизација на институциите.

 

Поврзани новости