И денеска продолжуваат интензивните партиски и активности на независните кандидати за градоначалници и советници. Најавени повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80-те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.
Коалицијата предводена од СДСМ централни собири ќе одржи во Тетово и Ѓорче Петров, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Куманово и во Кисела Вода, а ДУИ ќе ја продолжи кампањата во Студеничани. Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, ќе одржи прес-конференција, а во Кичево, Демир Хисар и во Маврово-Ростуше предизборни активности на ќе има движењето „Одлучно за промени“, предводено од Зелената партија ДОМ и ЛДП.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев и носители на листи ќе отворат канцеларии во Кавадарци и во Неготино, а кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска, заедно со независната советничка листа на Зелен Хуман Град, ќе ја промовираат програмата во Градскиот парк во Скопје. Прес-конференција во паркот во оштина Ѓорче Петров ќе одржат кандидатите за градоначалник на град Скопје Арбен Бени Шакири и кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров Љупчо Јаневски. Кандидатот за градоначалник на Град Скопје и носителот на советничката листа, Александар Тортевски и Агим Јонус ќе ја претстават програмата за Град Скопје пред седиштето на Твоја партија. Изборните активности на Движењето Беса денеска ќе продолжат во Порој.
Политичките партии и независните кандидати во текот на изминатата недела од почетокот на кампањата своите програми за овие локални избори ги претставија во повеќе градови и населени места во земјава. Тие ги повикуваат граѓаните што помасовно да излезат на Локалните избори 2021 и да го дадат својот глас.
Изборната кампања за Локалните избори 2021 започна на 27 септември, а треба да заврши на 15 октомври.