И битолската Јени џамија влезе во препукувањата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

ДУИ и Исламската верска заедница изразуваат загриженост за одлуката за отворање на Музејот на христијанското и исламското културно наследство во битолската Јени џамија, која по долги години ископувања и реставрирања од вчера повторно е во употреба.

Џамијата датира од 16 век, а археолошките ископувања покажаа дека во нејзините темели се наоѓа некогашната катедрална црква во Битола „Свети Ѓорѓи“, но и христијанска некропола. При вчерашното отворање на Музејот, објектот беше најавен како симбол на соживотот во Битола.

Од ДУИ велат дека со овој чин се занемаруваат верските и историските чувства на една важна заедница во државата, како и дека на овој начин се продолжува логиката на еднострани одлуки, што е показател на институционална, етничка и верска деградација, а со која се карактеризира оваа влада.

„Категорично го осудуваме овој неодговорен пристап, кој ги продлабочува меѓуверските и меѓуетничките поделби во нашето општество. Во земја, како Северна Македонија, каде меѓуетничкиот и мултирелигискиот соживот се едни од темелните вредности на државата, ваквата одлука е сериозен удар врз толеранцијата и почитувањето на соживотот што со години е граден“, соопштија од ДУИ.

Оттаму бараат почитување на културното и верското наследство на секоја заедница во државата, а со тоа и итно прекинување на политичките поделби.

„Одлуките што ги занемаруваат верските и етнички чувства се неприфатливи и немаат место во една демократска и мултиетничка држава. Владата мора одговорно да постапува со цел нејзините одлуки да ги рефлектираат потребите и чувствата на сите заедници на правичен и седмаков начин. Јасно ставаме до знаење дека оваа одлука не е изолиран случај, туку е дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во државата“, велат од ДУИ.

Од ИВЗ посочија дека не се консултиурани за пренамената на Јени џамијата во музејски простор, па во таа насока испратија и реакција до премиерот, министерот за култура и дипломатските претставништва во земјава, во која изразуваат загриженост за отворањето на Јени џамија како Музеј на христијанско и исламско наследство. Без согласност на ИВЗ, велат дека Заводот и музеј во Битола ја трансформира во Музеј на христијанско и исламско наследство.

Од 2011 година до пред пет месеци, ДУИ беше на власт 13 години и за сите 13 години не ѝ сметаше што Јени Џамија е објект споменик на културата и што се користел како галерија, реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Првите археолошки истражувања и ископувања на споменикот на културата Јени џамија започнале во 2003 година. Ова е период кога, меѓу другото, и ДУИ е на власт. Тогаш во внатрешноста на Јени џамија се откриени темелите на средновековната катедрална црка ‘Св. Ѓорги’. Во 2011 година Врховниот суд донел одлука Јени Џамија да биде во владение на РМ, а ѝ се доделува на користење на НУ Завод и музеј-Битола. Цели 13 години не било проблем за ДУИ што објектот бил истражуван и користен за различни поставки“, велат од таму.

Поврзани новости