Русија ја признава Македонија, Грција го блокира признавањето од ЕЗ

by Фокус

Кога на почетокот од август Русите ме информираа дека во Скопје доаѓа заменик-министерот за надворешни работи, Виталиј Чуркин, со, како што најавија, носи порака, не знаев дека ја носи одлуката за признавање на Македонија од страна на Русија, која, на инсистирање на бугарскиот претседател Жељу Желев, ја донел Јелцин при посетата на Софија. Тоа беше важен момент во историјата на новата македонска држава.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

На 27 мај, во Македонија допатува рускиот министер за надворешни работи, Андреј Козирев. Со претседателот се договоривме јас да го пречекам Козирев на охридскиот аеродром, па по обиколка на културно-историските споменици, следниот ден заедно да дојдеме во Скопје.

Враќајќи се од пречекот бев изненаден кога го видов претседателот Глигоров во хотелот „Метропол“, каде што беше сместен гостинот. Со коментарот, „којзнае кога ќе дојде наредниот пат“, Глигоров решил самиот да дојде на вечерата во Охрид, проследена со мала приредба.

ПОСЕТАТА НА КОЗИРЕВ

Новиот, како што тогаш пишуваа западните весници, прозападно ориентиран министер за надворешни работи на претседателот Борис Јелцин, не беше многу зборлест човек.

Во обиколка на југословенските републики, со очигледна задача и Русија да придонесе кон мирот, беше видно возбуден кога разбра за некаков нов напад на српските сили во Босна, од каде што стаса.

„А, ми ветија дека нема да го прават тоа, ми ветија“, повторуваше видно изнервиран од поведението на Србите. Македонија, Конференцијата за Југославија, признавањето, името, сето тоа беше на масата за разговори.

За жал, Русија, не само што го беше загубила влијанието на голема сила во светската политика, туку го беше загубила влијанието и во Србија.

До неговиот авион, голем „тупољев“, претпоставувам, полетуваме за Скопје следниот ден. Но, практично и немаше лет. Авионот зема залет на охридскиот аеродром, се крева над планините и почнува да се спушта на аеродромот во Скопје.

На конференцијата за печат, македонските новинари прашуваат за признавање од страна на Русија и за името. Козирев е воздржан.

Кога на почетокот од август, Русите ме информираа дека во Скопје доаѓа заменик-министерот за надворешни работи Виталиј Чуркин, со, како што најавија, носи порака, не знаев дека ја носи одлуката за признавање на Македонија од страна на Русија, која, на инсистирање на бугарскиот претседател Жељу Желев, ја донел Јелцин при посетата на Софија. Тоа беше важен момент во историјата на новата македонска држава.

Но, погледите бргу ги свртевме кон Конференцијата за Југославија каде што се решаваше судбината на Балканот и нашето признавање од овој елитен европски клуб на држави.

ВО ПАРИЗ

Во петок на 19 јуни 1992 година, со претседателот Глигоров заминуваме за Париз. Разговараме со францускиот министер Босе, ангажиран во Конференцијата за Југославија.

Босе: Постои еден нов момент. Една блага несигурност кај ЕЗ: не сака да остави впечаток на неединство. Тоа Грција го користи во случајот со Македонија. Грција дојде до врвот на своите барања.

Сега сме свртени кон договорот од Маастрихт. Но, единаесеттемина сме свесни дека оваа ситуација не може да трае. Македонија е фактор на стабилност, па затоа ЕЗ бара компромисно решение. Дали може да се најде формула за признавање, замислена толку добро што да биде прифатена и во ОН?

Глигоров: Ова ќе биде повторно проблем затоа што Грците ќе пречат и во ОН.

Босе: Грците се страсни, па ние мора да ги стивнеме страстите зашто, во суштина, Република Македонија не претставува опасност по нивната безбедност.

Другите единаесетмина изразија подготвеност да ја признаат Македонија. Всушност, сите имаме свој интерес во признавање на Македонија, но нашиот основен приоритет е да го сочуваме единството во ЕЗ.

Треба да најдеме начин да го смириме Мицотакис, па тогаш ќе имаме признавање, смирени Грци, позитивен развој на ситуацијата, а дури потоа би оделе во ОН со името Македонија.

Глигоров: Се повикувате на емоции на Грците, а заборавате на емоциите на Македонците. Зар сакате реприза на Сараево? На почетокот на работата на Карингтоновата комисија немаше вакви емоции во Грција, а потоа дојде до ривалитетот меѓу Самарас и Мицотакис. Заедницата е виновна и стои на страната на Грција.

Босе: Строги сте кон Заедницата. Не е лесно да се живее во заедница. Ние вршиме притисок врз Грција. Грција почувствува дека е изолирана и дека не може да оди во распаѓање на Заедницата.

Вашиот избор е или формула што ќе доведе до признавање на Македонија од ЕЗ (прифатлива за јавноста во Македонија) или да се суспендира решавањето на ова прашање , но ова е опасно и може да доведе до влошување на ситуацијата.

Глигоров: Економски не можеме да издржиме многу.

СПОРОТ СО ГРЦИЈА

Малески: Реакцијата на ЕЗ кон Македонија го загрозува нашиот заеднички напор за подобрување на меѓунационалните односи во земјата. Некои велат, што бара ЕЗ да ги средува нашите меѓунационални односи, кога таа не е во состојба да опстои на принципите што самата ги прокламирала по прашањето на признавањето.

Босе: Тоа што мора да го разберете е дека најважно за ЕЗ е да демонстрира единство. Да застане зад секој свој член! Иако сите сме убедени дека Грција настапува на нерационален начин, мора да го сочуваме нашето единство.

Нашата задача е, исто така, постепено да ја привикнуваме Грција дека во иднина треба да има добри односи со вас. Знаеме дека нивните ставови се кусогледи и во служба на изборни работи.

Глигоров: Ние сме практично изолирани.

Малески: Се согласивме со измена на Уставот и Бадентер рече „да“, но Грција рече „не“. Истото ли треба да ни се повтори со името?

Босе: Вчера имавме состанок со Карингтон. Македонија беше наша грижа. Следниот состанок ќе биде со Милошевиќ, Туѓман, Изетбеговиќ, плус ОН, САД и Русија. Ќе се обидеме да ги состанеме во Стразбур или на друго место и ќе ги сместиме, се разбира, во посебни соби.

Малески: И држете ги таму!

(Смеа)

Инаку, Босе, кој потоа дојде и во Скопје, откога, во приватен разговор, ги разгледавме сите најневозможни опции за решавање на спорот со Грција, доби идеја.

Ме прашува дали имаме Турци во Македонија. Одговарам потврдно и тој ме советува: „Именувајте Турчин за министер за одбрана и испратете го да седи во Анкара“. Се разбира, одново се насмеавме.

(Продолжува)

Поврзани новости