И без форма и без суштина

by lali

Љубезна насмевка, отпоздравување, чекање ред, давање предност, молам, благодарам, почитување приватност – претставуваат дел од основните кодови на однесување во цивилизираните земји. Тоа луѓето таму го прават лесно и без напор зашто е резултат на општоприфатени норми на однесување.

Но, и од земја до земја постојат разлики во бонтонот и во начинот на однесување. Некаде љубезноста е видлива, отпеана како мелодија, а некаде таа е дискретна и ненаметлива. Чувството дека си забележан, отпоздравен и пристојно третиран, има свои предности. Освен што пријатно ќе се почувствуваш, кога си дојденец, добиваш и порив да возвратиш на ист начин. Навидум мал чекор за тебе, но неизмерно важен за еволуцијата на однесувањето. Пристојно однесување – како цивилизациски и општествен дострел!

Оние што дури и површно те познаваат, понекогаш ќе ти забележат потиштеност или нерасположба, па ќе те прашаат љубезно дали си добра и дали сѐ е во ред. Не со намера да дознаат сѐ – од љубов или од љубопитност, а повеќе да покажат емпатија и сочувство. И нема да инсистираат со прашања и детали зашто тоа не е културно во светот каде што приватноста е неприкосновена, освен ако не почнеш самиот да се „исповедаш“.

„ТРАДИЦИОНАЛНИ ВРЕДНОСТИ“

Самиот акт на „детектирано“ нерасположение, е повторно бонтон. Свесноста дека околу нас постојат луѓе, дека не сме сами, е темелот врз кој со години се граделе и другите комуникациски вештини на учтиво однесување. Да работиш, да живееш и да комуницираш со луѓе, со различни мисли и ставови и да знаеш како да се однесуваш пристојно и со почит, без оглед на околностите – се основниот етички дострел на човечката цивилизација.

Секој дојденец (туѓинец) релативно лесно се вклопува во вакво „нормално“ општество, во кое постојат јасни бонтон правила и комуникациски кодови. Друга приказна е дали „туѓинецот“ се согласува со нив или не. „Финоќата“ на Западот, што многумина овде ги вади (а понекогаш и мене) од такт, е, сепак, цивилизациска константа, која не се учи преку ноќ.

Но, таа е лекцијата што е вткаена во системот и секој мора да ја совлада, за да опстане. Ако не ти се допаѓа, врати се таму од каде што си дошол. Само дома можеш како што сакаш ти, а надвор од прагот – така како што се очекува од тебе. Прашајте ги нашите надвор каква песна пеат таму, и зошто, по извесно време, им стануваме чудни!

Како некои земји и народи тврдат дека се најстарите цивилизации, кога сѐ уште се туркаат преку ред, дишат во врат, го фрлаат ѓубрето каде што ќе им текне и плукаат каде што ќе стигнат, зјапаат и коментираат гласно,  не изустуваат – добар ден – и кога те знаат, а камоли да те погледнат и да се насмеат?

И кога меѓусебното убивање и колење, како начин да се „расчистат сметки или неправди“ остануваат до ден денес како форма на општествено однесување? Дали и тие се доказ за „традиционалните вредности“ на овие општества? И дали овие „форми“ само ја отсликуваат (искривената) суштина на овие средини?

ЛАЖНО ОПСТОЈУВАЊЕ

Формата не е секогаш најважна, но во конкретниве случаи – е исклучително важна! Затоа што ваквите норми нѐ детерминираат како луѓе, земји, општества и култури. Да се однесуваме пристојно и воспитано, да бидеме љубезни, не се постигнува само со реклами. Со пропаганда и со кампањи не се гради систем на вредности во кој ние, така набрзина, преку ноќ, ќе се преоблечеме во ново руво.

Нашиот проблем, кој лежи подлабоко, та дури е и невидлив за мнозинството, произлегува од суштината на нашето лажно опстојување, од животот во ова невреме. Нашите чисти и човечни инстинкти одамна ги заборавивме и ги потиснавме. Свесно!

Обидете се да го кажете слободно она што го мислите, како се чувствувате, како го доживувате ова секојдневие, што ви пречи и што навистина сакате, а што не. Тешко е, нели? Затоа што не сте научени да се однесувате така.
Научени сме да молчиме и да голтаме, како полжави скриени во нашиот јад, исплашени за голата егзистенција. Па, ни преостанува само да „копаме“ по туѓи утроби и да се занимаваме со туѓи, поубави, поинтересни или побогати животи.

И ние сме учеле бонтон. Но, тој сѐ уште не се препознава како „нормален“ начин на однесување на овие простори, иако лесно се учи и се применува. Знам дека нашиот опстанок не зависи од една насмевка и од едно „Добар ден“. Но, веројатно ни преостанува најпрво да поработиме на нашата суштина. И да се надеваме дека еден убав ден, од неа ќе излезе една поинаква, поубава форма на нашето однесување.

Поврзани новости