И аргентинските влади правеа статистички илузии, ама тоа не ја спаси нивната држава од банкрот!

by Фокус

Текстот е објавен на 29-ти јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 887

Разговарал
Младен ЧАДИКОВСКИ

 ФОКУС „Економист” излезе со анализа на јавниот долг, при што Македонија е означена како нискозадолжена земја со 25 отсто од БДП. Сметате ли дека Македонија нема причина да стравува со ваков долг?

НАУМОВ За жал, не е така. Ако го гледаме „Економист”, и сите други што го анализираат долгот, тоа го гледаат врз основа на официјалните бројки кои ги даваат институциите. Но, тоа не е реално. Онаа бројка што изгледа ниска од 25 или 26 отсто, може сосем поинаку да се толкува. Има повеќе причини.

Погледнете ја официјалната страница на Министерство за финансии, 2011 завршува со задолжување кое како процент од БДП изнесува нешто над 28 отсто. Наеднаш, во 2012 година процентот паѓа на 26,2, иако во апсолутен износ задолжувањето е уште поголемо.

Што е целата приказна? Во 2012 година, Владата, односно Министерството за финансии поставило нова проекција на БДП, зголемен во апсолутна вредност за цели 6 проценти, и автоматски јавниот долг како процент од БДП паѓа. За да зголемите БДП за 6 отсто, значи да мислите дека реално економијата ќе порасне за 4,5 отсто, и плус да ја додадете инфлацијата.

Тоа не е реално, затоа што ние не само што немаме раст на БДП, туку имаме пад. Но, со една ваква лажна статистичка гимнастика се создава илузија дека долгот е помал од што навистина е!

ФОКУС Дали е тоа единствената илузија?

НАУМОВ Тоа е едната работа. Втората илузија ја прави фиксниот курс на денарот. БДП е изразен во евра, задолжувањето е изразено во евра, и сето тоа прави да имаме нереална вредност на БДП. Кога тој е нереален поради преценетиот денар, тогаш и сите други параметри кои ги правите во споредба со БДП ви изгледаат симпатични.

Во суштина, ние изгледаме како Аргентина пред нејзиниот банкрот во 2000 година. Таа имаше фиксен курс врзан со доларот, сите бројки изгледаа симпатично, задолжувањето не беше преголемо, а во моментот кога не беше одржлив курсот се случи вистинската слика и колапсот. Истото ќе се случи и кај нас кога денарот ќе ја добие својата вистинска  вредност.

ФОКУС Дали треба да нѐ плаши трендот на задолжувањето од последните три години?

НАУМОВ Економијата е математика и бројките се неумоливи. Треба да видите со која каматна стапка е задолжувањето и колкав е растот во дадената година. На пример, од 2009 година, од кога почна енормното задолжување, разликата е околу 10 проценти. 2009 година имавме минус стапка на раст, бевме во рецесија, но се задолжувавме со обврзницата со камата од 10 проценти, а исто толку беа каматните стапки на државните записи.

Во таква ситуација, кога каматната стапка е поголема од растот, долгот се зголемува. На денешно ниво имаме околу 7 отсто камата за надворешното задолжување, дома од околу 4 отсто каматна стапка, а ќе имаме раст од не повеќе од 1 отсто, иако, лично сметам дека и тоа ќе биде успех, зашто сѐ повеќе сум убеден дека рецесијата не ни гине.

Секогаш кога имате каматна стапка поголема од растот, тоа значи дека долгот се зголемува. Може да го претставувате тоа различно, но факт е дека долгот расте. Реално, во услови на рецесија треба да се влијае антициклично, антикризно и има можност јавните расходи да бидат поголеми. Но, тоа може да се случи ако претходно сте направиле заштеди што ќе ве одржат на стабилно ниво.

Тоа кај нас не се случуваше од 2006 до 2009, кога се бележеа некои стапки на раст, затоа што и тогаш продолжуваше задолжувањето, освен ако како заштеда не се сметаат депозитите кои ги имаше државата со кои се вратија средства во ММФ и кон другите кредитори.

ФОКУС Но, добро, има логика една држава да се задолжува и да се користат парите во инвестиции?

НАУМОВ Сосема е логично во рецесија да се задолжувате и штедењето да го надополните со надворешна акумулација, за на тој начин да ја пресретнете кризата. Да ги вшприца средствата во економијата, но во инвестиции кои имаат понатамошен економски ефект.

Кај нас, еве, да речеме дека не се претерало и со задолжувањето, но кога ќе видиме каде овие пари одат, тоа не е пат што ќе придонесе за развој на економијата. Не може државата да се пофали дека тие пари се влезени во патна или енергетска инфраструктура, туку напротив, во јавната потрошувачка, за плати, пензии, субвенции и за изградба на непродуктивни градби, како „Скопје 2014″.

Ќе беше сосема поинаку и сега веројатно поинаку ќе зборувавме, доколку овие пари се користеа во продуктивни инвестиции кои понатаму можат да донесат развој. Од таа причина, провладините медиуми и т.н. подобни експерти, како што вика Владата, кои сакаат да ја бранат оваа приказна, тоа го бранат со некој вид кензијанско однесување на Владата.

Но, тоа е  неточно. Господинот Кејнз велел дека излез од криза може да донесе задолжување, но само со јавни работи, како патна или енергетска инфраструктура, кои подоцна ја помагаат економијата, никако ако парите се користат во изградба на непродуктивни проекти!

ДОЈЧЕ БАНКА ГИ СЕКНА ПАРИТЕ ЗАТОА ШТО НЕ ЗНАЕ КАКО ЌЕ ГИ ВРАТИМЕ

ФОКУС ММФ ѝ забрани на Владата да продолжи да ги користи парите од т.н. внимателна линија, која беше 400 милиони евра, од кои се искористија само половина. Зошто?

НАУМОВ ММФ беше крајно конструктивна и толерантна спрема Владата. Но, самата Влада го испровоцира тој однос на ММФ. Кога објави дека се задолжува кај Дојче банка ѝ покажа на ММФ дека не и се потребни средствата од претпазливата линија. Владата, пак, продолжи да тврди  дека ММФ е извор на средства што не гарантира раст.

Владата мисли, или барем така кажува, дека со тоа што ќе се позајми од комерцијални кредитори и ќе ги користи парите на начин за кој мисли дека е подобар, дека така ќе продуцира раст.

Но, тоа е илузија. Раст нема, а парите се трошат. Владата, всушност, нема намера да игра по нотите на ММФ затоа што парите сака да ги користи за да ги доврши проектите од „Скопје 2014″ и на памет не ѝ паѓа да ги одложи или да се откаже од некој проект, или да ги пренасочи парите. Затоа се задолжи со многу поскапи кредити на комерцијален начин, а не од ММФ, бидејќи од таму доби јасен сигнал дека нема да смеат да ги трошат парите како до сега.

ФОКУС Но, истото го направи Дојче банка. И таа ги секна парите за Македонија, иако ги даде под исклучително добри услови за банката, односно, неповолни за земјата?

НАУМОВ Да, тоа на прв поглед нема некоја логика. Министерот Ставревски, колку што се сеќавам, рече дека тоа е направено поради новите услови на финансиските пазари, алудирајќи на влошувањето на ситуацијата со европската должничка криза. Можно е да има делумна вистина во тоа.

Веројатно постоела клаузула, која вели дека ако се влошат условите на пазарот, да може да се запре кредитот. Но, јас сум убеден во нешто друго. Дојче банка со таа одлука прати силен сигнал, дека и комерцијалните кредитори и банки почнуваат да не веруваат дека македонската економија е сигурна и дека може на долг рок да ги сервисира своите долгови кои од ден на ден се зголемуваат. Веројатно, Дојче банка ја намали сумата со која ќе ја кредитира Македонија уплашена од лошите резултати во економијата на земјава, кои се надвор од сите проекции што ги даваше Владата!

ФОКУС Значи ли ова дека не е клучна висината на јавниот долг како процент од БДП, туку колку економијата може да ги враќа долговите, па макар тие и не биле високи?

НАУМОВ Така е, самите бројки не значат дека економијата ќе биде во можност да ги враќа кредитите. Ако се види како ќе доаѓаат за враќање во наредните неколку години, се покажува дека економијата тоа нема да може да го издржи. Искуството од „Дојче банка” покажува дека сите што ќе се обидат понатаму да ни дадат кредит ќе гледаат каква е перспективата на економијата, колку лесно или тешко ќе се враќаат парите, а не колку е изложен јавниот долг како процент од БДП.

ФОКУС Но, премиерот рече дека Јапонија, на пример, има многу висок долг, 220 проценти од БДП, и дека Македонија во такви услови има компаративна предност во однос на многу други земји?

НАУМОВ Не е спорно дека Јапонија има висок долг како процент од БДП. Но, ако разговарате со некој независен зајмувач на пари, ќе видите дека тој полесно ќе ѝ даде пари на Јапонија отколку на Македонија. Кредиторите ја базираат својата политика на тоа, која економија е доволно силна да може да ги сервисира долговите.

А, јапонската економија и македонската не можат да се мерат по силина. Таа бројка што ја користи премиерот кога ја споредува Македонија со Јапонија, ја користи за домашни политички цели, но не би се осмелил да ја користи пред надворешните кредитори, затоа што нема да го сфатат сериозно.

Ниеден кредитор веќе нема да ја направи грешката што се случи со Грција. Таму кредиторите влегуваа врз основа на бројките на институциите. Никој веќе не верува во тие бројки што самите си ги даваат државите, туку се прават реални анализи за силината и издржливоста на економијата.

Македонија допрва ќе има проблем со тоа. Многу брзо, кога ќе дојдат големите транши за раздолжување да се најдат пари. Ние немаме економски резервоар кој може да ги отплати тие кредити без нови задолжувања. Нема шанси во наредните 5 години Македонија да прави такви суфицити, за да може да ги враќа овие пари само од работењето на македонската економија!

НЕМА ДА ЈА СТИГНЕМЕ БУГАРИЈА НИ ЗА 15 ГОДИНИ

ФОКУС Постои ли опасност, Македонија да се соочи со кусок пари во буџетот? Полнењето оди слабо, паѓа индустриското производство, паѓа извозот..?

НАУМОВ Уште од крајот на минатата година, кога почна трендот на намалување на индустриското производство, се виде дека е сосема погрешна проекцијата за раст од 4,5 отсто. Веднаш требаше да се размислува за ребаланс, и тоа се случи во април. На дневно ниво, буџетот не успева да ги покрие своите трошоци. Тоа може да го признае Владата или не, но јасно е дека тоа го сфаќа, затоа што почна да се задолжува на домашен пазар. Само во март се задолжи со екстра 100 милиони евра од дома.

Тоа покажува дека самиот ребаланс не функционира и дека најверојатно се подготвува нов, со кој ќе мора да се кратат расходите, бидејќи буџетот ќе крахира, а ќе крахира затоа што релативно имаме пад од 1, 4 отсто на цела економија. Имаме помали приходи, падот е 1, 4 отсто, а се планираше раст од 4,5 отсто . Тоа е вкупен пад на планираните приходи од 6 проценти.

Единствено решение е нов ребаланс на далеку пореални основи. Треба да се програмира буџет на проекција од нулта стапка на раст, стагнација, што реално може да се очекува.

ФОКУС Доколку се подзатворени странските извори на финансирање, ќе се оди на домашно финансирање. Што ќе значи тоа за економијата?

НАУМОВ Владата ја прифати сугестијата од ММФ, што повеќе да ги користи домашните наместо надворешните извори на финансирање. Очигледно е  дека финансирањето од надвор станува проблематично. Дојде одлуката на НБМ со која се намали каматната стапка на благајнички записи, што е релативно очекувано во услови на рецесија, НБМ да води ваква антициклична политика.

Целта на таа одлука, навидум, е да се зголеми кредитирањето, но тие пари ги прибра буџетот. Кредитирањето се намалува, банките бараат друг начин каде да пласираат пари и пласираат во државни записи. Тие се сега во друга функција, одат во буџетски средства каде се трошат за плати, пензии, субвенции и слично. Потегот на НБМ не донесе развој на економијата, туку е само потег кој и оди на рака на Владата, по релативно добра каматна стапка да обезбеди одредени пари. Но, тоа не креира никаков раст, напротив, само ги врзува парите на банките.

ФОКУС Во вакви услови, како Владата ќе го правда падот на БДП, кој, патем, е најголем во цела Европа, со исклучок на Грција?

НАУМОВ Па, многу тешко е сега да најдат оправдување за падот на БДП. Затоа и ги нема никаде. Од друга страна, се забележува дека тие секогаш се правдаат со европската криза за сѐ што не чини. Ако ова е резултат на европската криза, како што тврди Владата, тогаш стапките на раст што се остваруваа пред 2009 година се резултат на растот на светската економија.

Тогаш воопшто не ни треба влада, туку ќе се темелиме на тоа што се случува надвор. Тоа е суштина на економската политика, да ги менува тековите, а не само да јава на бранот. Ние, практично, немаме економски политики, туку го јаваме бранот – ако е горе и ние сме горе, ако е долу и ние сме долу.

Чуму ни е таква влада? Поентата на постоењето на владите е во тешки услови да влијаат на промени. Од друга страна, постојано се споредуваме со стапките во ЕУ, но, зошто не се споредиме со Кина, Индија, Бразил, или поблиску со Турција?

Премиерот се дрзнува на скандинавците да им кажува дека сме брзо растечка економија, а ние само последните 6 години имаме три проценти годишен раст во просек!? Со таква динамика ќе ни требаат 24 години за да се дуплира БДП, а да ја стигнеме Германија ќе ни требаат 70 години. Само за Бугарија да ја стасаме ќе ни требаат 12 години, и тоа ако овие земји не растат воопшто, што не може да се очекува!

НЕ Е ВАЖНО КОЛКУ ПРОЦЕНТИ Е ДОЛГОТ, ТУКУ ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ ПАРИТЕ!

ФОКУС Да ја упростиме математикава со пример со две семејства. Еве, едното семејство има сигурна работа и месечни приходи од 2.000 евра, и рата за отплата од 1.000 евра, а другото семејство има 500 евра приходи и рата од 50 евра, но нема сигурна работа. Првото семејство е Јапонија, а второво е Македонија?

НАУМОВ Така е отприлика. Добар е примерот, за да сфатат читателите. Првото семејство има 2.000 евра приход и задолженост од 50 отсто. Но, велиме има сигурна и перспективна работа. Тука не е важен процентот на задолженост, туку тоа што му остануваат пари да живее, и што има сигурна работа во наредните години. Ова, другово семејство, кое има приходи од 500 евра, е ниско задолжено, само 10 проценти од својот буџет, но тоа е попусто, бидејќи нема сигурна работа.

Плус тоа, ако во семејството влегуваат 500 евра, со нив мора да се платат фиксните трошоци како струја, парно, комуналии, вода, и остануваат се помалку пари за отплата на долгот. Затоа велиме, процентот на задолжување може да биде апсолутно неважен. Било која банка во Македонија попрво ќе го поддржи семејството со сигурна работа и со високи примања, иако е номинално позадолжено.

И било кој странски кредитор попрво ќе и даде пари на Јапонија, зашто знае дека нејзината економија нема да крахира што и да се случи, а за македонската не е сигурен. Овие фиксни трошоци, кои за едно семејство се струја, парно, комуналии, вода… за Македонија би биле платите, пензиите, социјалните трансфери, и, кога тие се исплаќаат, не останува ништо за враќање на долгот!

Поврзани новости