Тетовирање на ликовите и името на политичарите е очигледно новиот хир кој што го зафати Балканот.
Ако до неодамна јавноста не можеше да им се изначуди на неготинчанецот кој го истетовира ликот на Никола Груевски, и на штипјанецот со тетоважи со Сашо Мијалков и неговиот син, сега и србите имаат причина за зачуденост, и секако прашањето – ,,Зошто, побогу?” откако млада девојка од Вршац го истетовира презимето и иницијалот од името на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Смелата тетоважа на раката на младата Тијана Станимиров, активистка на СНС, и студент на Висока школа за стручни студии за воспитувачи, деновиве се најде во речиси сите српски медиуми и стана топ тема на социјалните мрежи.
Додека некои ја поддржуваат, голем е бројот на оние кои што дури и се закануваат, дека треба да и се отсече раката, или да посети психијатар.
,Не е болест се што боли, Дај Боже ова да е фотошоп, Ако оди во затвор ќе му доцрташ ли и решетки, и уште многу слични коментари се постираат на нејзиниот профил, по објавата на веста за тетоважата.
,Фокус” успеа да стапи во контакт со неа, и на прашањето што ја мотивирало за овој чекор, таа вели дека се истетовирала исклучително поради љубов и почит кон претседателот.
Околу тоа, дали ќе ја отстрани тетоважата доколку еден ден Вучиќ се повлече од политичката сцена, таа се правдаше дека моментално е во автобус, и не може да збори. Сепак, и на својот социјален профил, во повеќе наврати потенцира дека мотивот и бил почитот и љубовта, како не очекувала ништо за возврат, и била задоволна и горда.
Српски новинар од РТС вчера во интервју го запраша Вучиќ што мисли за потегот на Тијана, на што тој одговори дека тоа било непотребно, и како подобро би било таа да работи и постигнува резултати, и на тој начин да се докаже.
Исто така, претседателот изјави дека се надева како девојката нема да се посрамоти од тоа што го направила, алудирајќи дека тој со дела ќе го оправда нејзиното почитување.
Вики Клинчарова