Откако актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска го разреши директорот на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, кој уште вчера во изјава за „Фокус“ потврди дека трпел закани и уцени, денеска на површина исплива дека главната причина за неговото разрешување е затоа што не потпишал вработување за Бени Шаќири.
„Директорот беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“, се наведува во соопштението на Програмскиот колегиум на МКЦ.
Пејачот Бени Шаќири на последните локални избори беше кандидат на ЛДП и ДОМ за градоначалник на Скопје, но откако уште во првиот круг ги изгуби изборите, тој во вториот круг и официјално и даде поддршка на Арсовска.
Во медиумите пред вториот изборен круг се појави фотографија од Арсовска и Шаќири, под која сега веќе актуелната градоначалничка напиша „Скопски муабети“.
Тој претходно во дел од интервјуата јасно и гласно кажуваше дека нема намера да го поддржи поранешниот градоначалник Петре Шилегов за уште еден мандат.
Меѓутоа, приказната околу Бени Шаќири и Младински културен центар има своја историја. Уште во јуни, 2019 година кога во јавноста излегоа муабетите дека се спрема пејачаот да стане нов директор на МКЦ, 250 културни работници бараа од тогашниот премиер Зоран Заев да спречи менување на тогашниот в. д. директор Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција.
Во отвореното писмо до премиерот се вели дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ.
„Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција директор на МКЦ. За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија.
Но, повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, стои во писмото на културните работници.
Изборот на директор на МКЦ требаше да го изврши тогашниот градоначалник Шилегов бидејќи оваа културна институција е под надлежност на Градот. Но, тоа не се случи. Па, очиглдно тоа беше една од причините зошто Шаќири се налути на раководството на владејачката гарнитура.
Фокус“ вчера објави дека директорот на Младинскиот културен центар, Богоев е разрешен од функцијата, а тој во изјава потврди дека трпел закани, уцени и малтретирање од страна на генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров.
Ирена Мулачка