Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини не чувствува вина за автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 патници, иако институцијата којашто ја води има надлежност да врши инспекциски надзор над возилата во којшто би се утврдило дека автобусот кој изгоре во Бугарија немал лиценца за меѓународен превоз. Тој признава дека има пропусти, но не знае дали ќе замине од функцијата.
-Нема ние што да одговориме зошто не сме го контрирале овој автобус, ние не можеме да ги контролираме сите автобуси. Немаме толку инспектори и за тоа сме алармирале. Мислите ли дека да имаше извод од лиценца, немаше да се случи трагедијата? Контролата не можеме да ја правиме 24 часа на граничните премини. „Беса транс” се меѓународни превозници, а ние во фирмите влегуваме еднаш во 2 години. Има 2.000 фирми, а ние имаме 13 инспектори. Не можеме да вршиме надзор на 2.000 компанија со 13 инспектори. Сто пати сме кажале во секоја годишна програма и ништо не е сторено. И на Министерот за транспорт и врски и на Министерство за финансии сме им побарале кадри, ама ништо, рече Хусеини во дебата на ТВ 24.
Тој негира дека имал било какви релации со „Беса транс“ и дека барал да им се кривични пријави.
-Не знам дали ќе дадам оставка. Ние не сме криви, ни јас не сум крив што загинале 45 лица. Инспекторатот функционира толку колку што има можности, рече Хусеини.