Хрватскиот суд одлучи: Геј-паровите ќе може да посвојуваат деца

by Фокус

Вишиот управен суд на Хрватска ја отфрли жалбата на надлежното Министерство и им овозможи на истополовите парови да може да пристапат до процената за посвојување деца, а како што се наведува, тие не може да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.

Според организацијата Rainbow Color, судот го отфрлил аргументот на Министерството дека истополовите двојки не треба да пристапуваат кон процената за посвојување деца поради целта „заштита на интересите на детето“.

Оваа одлука судот ја донел во случајот со партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е дозволено да присуствуваат на постапката за посвојување дете, е соопштено на прес-конференцијата во Загреб.

Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во центарот за социјална заштита во желба да станат посвоители, но во два наврата биле одбиени бидејќи се во животно партнерство. По долга правна битка, во 2020 година тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.

Минатата година првостепениот управен суд донесе одлука дека тие може да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, одлуката на Вишиот управен суд, конечно, ги отстрани сите дилеми.

Шегота и Кожиќ на новинарите, меѓу другото, им рекоа дека се изгубени шест години и дека, како што велат, тоа е во духот на политиката.

Поврзани новости