„Хрватската“ фабрика во Гари негира дека е руски проект: Со Зечевиќ имаме однос како адвокат и клиент!

Сите средства од заемодавачите се уплатувани од деловни банки во ЕУ, па претпоставуваме дека повеле процедури за проверка на потеклото на капиталот, велат од „МЛ-Гари“ за „Фокус“, додавајќи дека компанијата ја застапува Миле Зечевиќ во судски постапки и пред регистарот.

by Фокус

Сите податоци за основниот капитал и основањето на „МЛ-Гари“ може да се добијат во судскиот регистар, ни одговорија од компанијата што ја произведува минералната вода „маја“ („maya“), во врска со прашањата за потеклото на капиталот на хрватската инвестиција, позади која, како што пишува последниот број на неделникот „Фокус“, има наводи и индиции дека стои руски капитал.

„Помеѓу инвестицијата и основниот капитал постои цел спектар на работи, од добивање концесија, преку сите потребни дозволи, па сè до дозвола за експлоатација. Колкава е вредноста на извршената работа, на сите елаборати, согласности проекти и планови? Сето тоа некој требало да го одработи за да се прикаже економска оправданост на инвестицијата пред заемодавачите“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека изградбата и опремувањето на фабриката го кредитирале друштва за кои, како што истакнуваат, не се утврдило дека се во сопственост на рускиот фонд „Промсвуаз“, во сопственост на веќе државната истоимена руска банка, како што пишуваше „Т-Портал“ во сторијата со наслов: „Како слаткар и адвокат од Мал Лошињ изградија фабрика за вода во Македонија“.

Во однос на прашањето, пак, дали во проектот вклучени се лицата Томислав Филиповиќ и Предраг Перенчевиќ, брат на Михајло Перенчевиќ со бизнис и политички врски со Русија, кои, според пишувањата на „Остро“ врз основа на „Пандора документите“, ја основале компанијата „Зедариа Вентурес“ за да вложи 10 милиони евра токму за експлоатација на вода во Гари, од компанијата велат:

„Точно е дека наведените хрватски државјани биле вклучени во проектот како заемодавачи, но нам не ни е познато дека тие на кој било начин биле политички поврзани со Русија или која било друга земја. Сите средства од заемодавачите се уплатувани од деловни банки во ЕУ, па и денес претпоставуваме дека повеле процедури за проверка на потеклото на капиталот“.

Иако своеремено беше објавено дека инвестицијата од планирани 7 се искачила на 14 милиони евра, сепак, од компанијата одбија да одговорат на прашањето колку средства точно досега се вложени за експлоатација и дистрибуција на вода во Гари и какви се плановите за идниот период, со образложение дека тоа претставува деловна тајна.

РУСКА БАНКА ВО СЛУЖБА НА ОДБРАНАТА

Во последниот број на неделникот „Фокус“ се обработува токму овој инвестициски проект во дебарско Гари, каде во 2013 година беше удрен камен-темелник за изградба на фабрика за вода, во присуство на голем број на министри од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Три години подоцна, отворена е фабриката на 5 километри пред селото Гари, каде „МЛ-Гари“ добила концесија на период од 30 години.

Во име на компанијата се обрати Кујтим Деари, кој посочи дека инвестицијата е резултат на двајцата инвеститори од Хрватска. Еден од тие „хрватски“ инвеститори е Дашмир Абдија, хрватски државјанин со потекло од Македонија, кој рече: Оваа инвестиција е потврда дека печалбарите никогаш не ја забораваат татковината. Со децении работам во Мали Лошињ, а сега дел од капиталот носам тука“.

Речиси истовремено, неговиот тогашен партнер Бранимир Којиќ, адвокат од Мал Лошињ, за хрватскиот „Т-Портал“ изјави: „Мојот и паричниот влог на Абдија се многу мали и тешко може некој да нè нарече инвеститори. Во основниот капитал по докапитализацијата ќе учествуваме со помалку од еден процент…“.

Дополнително, порталот објави дека парите потекнуваат од „УК Промсвуаз“, друштво за управување со инвестициски фондови во Русија, во сопственост на една од најголемите руски банки, „Промсвуаз банка“. Оваа банка беше основана од браќата Алексеј и Димитриј Ананијев, но тие се најдоа под прогон, па беше национализирана од руската држава и се стави во функција на безбедносниот сектор.

Воедно, хрватскиот центар за истражувачко новинарство „Остро“ во случајот инволвира двајца хрватски тајкуни, кои основале офшор компанија со назив „Зедариа Вентурес“ за да инвестира 10 милиони евра за експлоатација на вода токму во Гари, Дебар. Всушност, оваа компанија била основана од Томислав Филиповиќ и Предраг Перенчевиќ, брат на Михаило Перенчевиќ.

Од сите нив, најголемо внимание привлекува Михаило Перенчевиќ, поранешен заменик-министер за внатрешни работи, кој во меѓувреме станал еден од најбогатите Хрвати. Хрватските медиуми пишуваат дека тој своевремено работел во Либија, по што заминал за Русија. Притоа, Перенчевиќ бил одликуван од поранешниот руски премиер и претседател Димитри Медведев.

ЧОВЕК НА ПУТИН НА ЦРНА ЛИСТА НА ЗАПАДОТ

Што се однесува до браќата Перенчевиќ, тие имале извршни и неизвршни функции во руската градежна компанија „Велестрој“, која, пак, добивала вредни договори од „Транснефт“, руска државна компанија за транспорт на нафта. Оваа компанија ја води Николај Токарев, кој своевремено бил дел од руската тајна служба КГБ, од чиј шинел излезе и неговиот пријател Владимир Путин.

По руската воена интервенција во Украина, ЕУ, САД и Британија му го замрзнаа имотот на Токарев, кој влезе во „црната листа“ на Западот заедно со членовите на семејството. Меѓу нив е и неговата ќерка Маја Болотова, која, меѓу другото, била соработник и на веќе државната „Промсвуаз банка“. Името на Маја (Болотова) или оригинално Maya, кореспондирана со брендот на водата што „МЛ-Гари“ ја флашира во Дебар.

Кога ќе се погледне историјатот на македонското друштво, како подносител на пријавите за промени излегува името на Миле Зечевиќ. Тој е актуелен генерален секретар на најголемата владејачка партија СДСМ, кој долги години работи како адвокат. Во куса изјава, Зечевиќ вели дека се работи за типична соработка со компанија, во која, како што истакнува, нигде нема руски капитал.

Од компанијата, пак, објаснуваат дека соработката со Зечевиќ е отпочната уште со покојниот Хазби Абдија, татко на повеќепати споменатиот Дашмир Абдија. Моментално, тој е единствен сопственик на „МЛ-Гари“, откако Којиќ во 2019 година излегол од друштвото, а низ годините во сопственичката структура кусо минале уште две лица блиски до Перенчевиќ – Жељко Томљеновиќ и Марио Драшкиќ.

Соработката со г-динот Зечевиќ како адвокат датира уште од времето на покојниот Хазби Абдија, татко на Дашмир Абдија, а секогаш се работело исклучиво за однос адвокат-клиент. Г-динот Зечевиќ го застапува друштвото „МЛ-Гари“ во судски спорови и во постапките пред регистарот“, се наведува во одговорите што ни ги испратија од компанијата.

Инаку, ИРЛ вчера објави дека Управата за финансиска полиција по повеќегодишна пауза го доставила бараното известување до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за предистрага од 2016 година поврзана со трансакциите, движењето на парите и инвестицијата на фабриката за вода „маја“ близу селото Гари.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости