Во Хрватска денеска се одржува вториот круг од претседателските избори на кои ќе се бира меѓу актуелниот шеф на државата Зоран Милановиќ и Драган Приморац, кој е поддржан од владејачката ХДЗ.
Во првиот изборен круг, кој се одржа на 29 декември, Зоран Милановиќ освои 49,10 отсто од гласовите, додека 19,35 отсто гласаа за неговиот противкандидат Драган Приморац.
За гласање регистрирани се околу 3.8 милиони граѓани, а ќе гласаат на 6.755 избирачки места во земјата и во странство.
Предизборните анкети предвидуваат убедлива победа на актуелниот претседател. Се очекува поголема излезност, иако, според аналитичарите, тоа нема да го промени односот на силите.
Во првиот изборен круг на гласање во Хрватска излегле 46,02 отсто од избирачите запишани во избирачкиот список.