Хрватите ,,паднаа” на Андријана: Со усни, зрели цреши Јаневска го освојува регионот!

by Fokus

Поп пејачката и виолинистка Андријана Јаневска деновиве се врати од Загреб, Хрватска, каде сними нова песна и видео запис за истата, а со која ќе го освојува регионот.

-Дај пољуби ме својим уснама, зрелим трешњама – е дел од рефренот со кој Јаневска ќе се претстави пред тамошната публика.

За ,,Фокус” вели дека е среќна поради позитивните реакции кои ги добила од соработниците од Хрватска и Австрија и најавува проект кој веќе бил започнат, со цел проширување на нејзината кариера и во Хрватска и Австрија.

-На повик на продуцентот М.М. Вили од Виена ја снимив песната со наслов ,,Дај пољуби ме”. Музиката и текстот се негови, додека аранжманот е на Јосип Шукер од Загреб. Значи, ова е една македонско- хрватско – австриска соработка. Видео спотот за песната се снимаше во Загреб, со кадри од најубавите делови од градот, а промоцијата на песната ќе се случи во понеделник, на најгледаната емисија во Хрватска, ,,Добро јутро Хрватска” на ХРТ1. Веќе потпишав договор со Хамер медиа од Загреб, од каде ќе се погрижат за што подобра промоција и презентирање на песната таму и во недела повторно патувам во Загреб – ни изјави Андријана.

Таа додава дека освен со новата песна која е снимена на хрватски јазик, пред публиката ќе се претстави и со неколку стари македонски песни.

-Моите тамошни соработници се воодушевени од нашиот фолклор, па инсистираа да настапам и со неколку стари македонски песни. Македонско девојче е секако една од нив. Драго ми е што во медиумите во Хрватска сум најавена како Андријана Јаневска, прва виолина на Македонската опера и балет, но и од предвидувањата дека ќе го освојам нивниот музички пазар, посебно поради тоа што знам колку таму се сакаат и ценат уметниците во вистинска смисла на зборот – вели Јаневска.

Ни потврди дека соработката нема да запре на ,,Дај пољуби ме” и веќе се работело на нови материјали. Таа и во минатото имаше свои претставувања пред хрватската публика, а ова е нејзин прв проект на хрватски јазик.

Вики Клинчарова

Поврзани новости