Виенски бал во сабота, задолжителен дрес код за гостите

by Fokus

На 16-ти март, во сабота, во хотелот Александар Палас во Скопје, по јубилеен, 20-ти пат ќе се одржи авангардната, културно-музичка манифестација Виенски бал во Скопје 2019.

Организаторот, Здружението за културна соработка Јохан Штраус, со поддршка на заедничкото покровителство на амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија и Владата на нашата земја, овозможува и македонската метропола да има свое, оригинално издание на Виенски бал.

Со тоа Скопје, веќе две децениии е дел од мапата на светски метрополи кои ја негуваат оваа вековна австриска традиција. Виенскиот бал во Скопје има и хуманитарната нитка. Годинава, во текот на вечерта ќе биде организирана добротворна лотарија. Собраните средства и дел од средствата од билетите, ќе бидат доделени на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија ,,Без ограничувања”.

Во рамките на уметничката програма, оркестарот Јохан Штраус ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Грациозните танчери на Танцовиот клуб „Прима Данца“ ќе имаат атрактивни танцови точки, а магијата на балетската уметност, на сцената на Балот, ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ Саша Ефтимова и Ендру Кук. Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапите на ЗЏМ Биг Бенд, Арт Бенд, Џон Илија Апелгрен, Дејан Бобиќ Дексо и Лина Авшар.

Ексклузивни гости се танчерите од Танцовата школа Елмајер од Виена, школа која е успешна заради уникатната комбинација на негување на традиционалните танци и отвореност кон нови танцови трендови. Како и секоја година, дрес кодот на Виенскиот Бал во Скопје е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата. Водителка на балот годинава ќе биде Вера Мештеровиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости