Хронологија на недовршениот децениски проект за црква во строг центар

Над 3 милиони евра префрлени од МПЦ и собрани на донаторски конференции не беа доволни да се изгради црквата во центарот на Скопје, со оглед дека Фондацијата формирана од Црквата натрупала долгови од над 4 милиони евра кон изведувачот Бетон, кои сега треба да ги преземе друга компанија што се поврзува со Јорданови - Ремедика.

by fokus

Уште пред да биде промовиран Скопје 2014, јавноста дозна дека на скопскиот плоштад, поточно на местото каде се наоѓа плочата на Мајка Тереза, треба да никне верски храм, кој потоа се најде и во видео-спотот за промоција на мегаломанскиот проект.

Впрочем, стануваше збор за возобновување на црквата Свети Константин и Елена, која на тоа место била изградена после Првата Светска Војна, меѓутоа била уништена за време на земјотресот во 1963 година, а потоа и целосно урната на почетокот на 70-тите години при израдба на Градскиот Трговски Центар.

За таа цел, Министерството за култура, тогаш предводено од Елизабета Канческа Милевска, во 2008 година нарача идеен, основен и изведбен проект и ревизија и воедно ангажираше стручен надзор за изградба на црквата, за што издвои околу 150.000 евра.

Но, идејата за изградба на црква на скопскиот плоштад предизвика бурни реакции. Така, веќе следната 2009 година, на протест излегоа студенти од Архитектонскиот факултет организирани во движењето Архибригада, кои пак на еден од протестите беа нападнати од контрапротестанти.

Исто така, оваа најава ја предивика и Исламската Верска Заедница во истиот период да побара возобновување на Бурмали Џамија, која своевремено постоела во близина на Камениот мост, но била урната во далечната 1925 година.

Во ваква ситуација, Стејт Департменот во извештајот во 2010 година нотира дека спорот околу владината поддршка за православна црква на главниот поштад во Скопје, освен што покрена прашање за владината вклученост во верските работи, ги зголемила и меѓуетничките и меѓуверски тензии.

Поради силните реакции, кои се прелеаа и во владата на релација меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, реализацијата на проектот го презеде Македонската Православна Црква преку фондацијата Св. Цар Константин.

Кон крајот на 2011 година, пак, Општина Центар во време на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Тодоровиќ го смени Деталниот урбанистички план и маркицата за изградба на црква ја пресели на улица Македонија, во непосредна близина на Домот на АРМ.

Всушност, изведувачот скопски Бетон почна да ја гради црквата на земјиште на МПЦ со површина од 2.230 квадратни метри, кои МПЦ ги купи со непосредна спогодба од државата за цена од 1.800 денари за метар квадратен, или вкупно над 65 илјади евра.

Инаку, осветувањето на темелите беше извршено кон крајот на 2012 година од страна на поглаварот на МПЦ г.г.Стефан, брегалничкиот митрополит Иларион и свештеници од скопската епартија, а на настанот присуствуваа највисоките политички претставници.

РЕМЕДИКА ГИ ПРЕЗЕМА ДОЛГОВИТЕ НА ФОНДАЦИЈАТА КОН БЕТОН

Инаку, првата донација на сметка на Фондацијата е од МПЦ, која префрлила 1 милион евра во 2012 година, кога се организира првата донаторска конференција, по што во следните 2013 и 2014 година се организираат уште две конференции во скопскиот хотел Александар Палас.

Притоа, на овие донаторски конференции, преку кои се собраа уште 2 милиони евра од над 400 донатори, претежно правни лица, беа присутни јавни личности со разни профили, главно стопанственици, но присутен беше и тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој по промената на власта доби азил во Унгарија.

о уште едно велелепно светилиште ќе дадеме придонес во одбрана на семејството од некои искривоколчени вредности и од нападот кон традиционалните и моралните вредности – изјави тогаш Груевски.

Арно ама, како опаѓа моќта на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, така престануваат донаторските конференции и се намалуваат приливите кон фондацијата Св. Цар Константин во сопственост на МПЦ, имајќи во предвид дека од 2015 година има приливи од вкупно 300.000 евра.

Според сведоштво што еден од бизнисмените го дал за ИРЛ, целата донаторска операција била водена од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески (ексминистер за транспорт и врски) и Кирил Божиновски (ексгенерален секретар на влада), така што на донаторските вечери на масата пред секој гостин бил поставен готов договор за донација.

На листата со донатори, пак, може да се сретнат приватни градежни компании кои работеа на објекти од „Скопје 2014“ и други јавно спонзорирани зделки, како на пример Гранит (244.000 евра), Трансмет (128.500) евра, Бауер БГ (85.000 евра)… Патем, интересно е дека Бетон на Минчо Јорданов, кој ја гради црквата, уплатила донација од 95.000 евра.

Иако требаше да биде готова за 3 години, верскиот објект не е завршен до ден денес. Во меѓувреме, фондацијата Св. Цар Константин, основана од скопската епархија при МПЦ половина година пред доделувањето на градежната дозвола за изградба на црквата во мај 2012 година, натрупала долг кон изведувачот и воедно донатор Бетон во износ од над 4 милиони евра.

Од известувањата што Бетон како котирано акционерско друштво ги доставило до Македонска берза, скопската градежна компанија предлага на претстојното Собрание на акционери да се усвои одлука со која долгот ќе се префрли кон скопската болница Ремедика, која исто така се поврзува со Јорданови.

„Се одобрува склучување на зделка со заинтересирана страна – склучување на Договор за отстапување на побарувањето со Приватна здравствена установа општа болница Ремедика Скопје, во вкупен износ од 269.918.842 денари. Побарувањето, Бетон го побарува од Фондацијата Св. Цар Константин и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, согласно Спогодба за регулирање на меѓусебните права и обврски“, стои во предлог одлуката.

Во однос на преземањето на долговите на фондацијата кон градежната компанија Бетон, директорката на Ремедика Елица Јорданова, која е сопруга на претседателот на Одборот на директори на Бетон Минчо Јорданов, за Телма изјави: „Си купувам црква и ќе си палам свеќи за здравје“. Воедно, таа посочи дека долгот кон Бетон за овој објект, како и за многу други, требало, како што истакнува, да си ги платат тие што ги нарачале.

ПРОДАЖБА НА ХОТЕЛИ НА ОФШОР КОМПАНИЈА НА ЈОРДАНОВ

Како што веќе пишуваше Фокус, на дневен ред на истата вонредна седница на Собранието на акционери на АД Бетон закажана за следниот месец е и продажба на 3 хотели, меѓу кои е и недоградениот хотел во Скопје, веднаш со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај тоа, се предлага одобрување на одлука за продажба и на хотелите на Бетон во Охрид и во Стар Дојран, со таа разлика што за хотелите во Скопје и Охрид се работи за одлука за продажба, додека за хотелот во Стар Дојран се предлага склучување на зделка со заинтересирана страна.

Тоа значи дека веќе е постигнат договор, а, според официјалните податоци објавени од Берза, станува збор за договор тежок 1,3 милиони евра со компанијата Репро 21.

Според податоците од Централниот регистар, Репро 21 е друштво во сопственост на најголемиот акционер во Бетон – Репро Оне Лимитед, офшор-компанија основана во 1999 година со седиште во Британските Девствени Острови.

По донесувањето на законските измени кои им наложија на сите компании во сопственост на странски компании да пријават физичко лице како вистински сопственик, токму Јорданов се пријави како вистински сопственик на Репро Оне Лимитед.

Оттука, тој е сопственик и на Репро 21, која, како што објавивме, во земјава веќе поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри.

Притоа, се издвојува огромниот плац со површина од дури 12.141 квадрати во скопска Железара, чија намена, засега, е шуми.

Инаку, информациите од Централниот депозитар за хартии од вредност покажуваат дека Репро Оне Лимитед е еден од трите поголеми акционери во Бетон, заедно со уште две офшор компании – Ароуцрест Лимитед и Волес Трејдинг Корп.

Воедно, Репро Оне Лимитед поседува акции во Факом и во други акционерски друштва, а порано била поголем акционер и во Макстил, која моментално е во доминантна сопственост на кинеската Дуферко.

Влатко Стојановски

Поврзани новости