Хронологија на настаните: Дедото на починатата Тамара пукаше во Тодоров, заврши зад решетки

by Fokus

Во 12 часот вчера одекнаа пукотници пред министерството за здравство, во периодот кога екс министерот Никола Тодоров требаше да ја изврши примопредавање на функцијата на неговиот наследник Арбен Таравари.

Во него пукал 60-годишниот Љупчо Стојановски од Велес, дедо на починатата 9-годишна Тамара Димовска, која имаше искривување на рбетот и почина чекајќи Фондот за здравство да одобри пари за лекување во странство. Тодоров успеал да го совлада напаѓачот, при што во наредните два саати вриеше од полиција пред ресорното министерство.

Според нашите информации, дедото на починатото девојче бил претепан и завршил во скопскиот Ургентен центар, каде му била направена компјутерска томографија, снимање и бил прегледуван, но сепак не бил задржан на лекување. Тој вчера во текот на денот е однесен на распит во полициска станица.

Мајката на деветгодишната Тамара вчера во изјава за „Фокус“ тврдеше дека е шокирана, откако од медиумите слушнала дека нејзиниот татко пукал во екс министерот за здравство Никола Тодоров.

– Шокирана сум. Не можам да си дојдам при себе. Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои но, никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство – рече Жаклина Димовска за „Фокус“. 

Нападот врз Тодоров најостро го осуди новиот премиер Зоран Заев, додека пак, првиот опозиционер Никола Груевски тврдеше дека тоа се случило благодарение на СДСМ и нивните подржувачи, кои во јавноста го нарекувале министер Смрт.

Дедото на починатата Тамара денеска заврши зад решетки, доби 30-дневен притвор, но неговата здравствена состојба е влошена. Видливи се и неговите повреди на лицето. Тој е обвинет за обид за убиство врз екс премиерот.

И.М.

 

Поврзани новости