Србите навалија во Грција: Ниту една полициска контрола на релација Демир Капија – Удово

by Fokus

Србите ја започнаа летната сезона во соседна Грција, и деновиве на релација Демир Капија – Гевгелија, односно граничниот премин Богородица, можат да се забележат колони од возила со српски регистарски таблички.

Освен Србите, кои што се најредовни туристи во Грција, по повод продолжениот викенд, денес и голем број на наши граѓани се упатија кон Егејот, а долгите колони на граничниот премин не ги поколебаа во намерата да уживаат на песочните плажи.

Но она што не може да се игнорира, кога е патувањето во Грција во прашање, е брзото возење на патот од Демир Капија кон Гевгелија и остуството на полициските контроли на истиот, и покрај зголемената фрекфенција.

Нервозни и уморни возачи, со регистерски таблички од Белград, Ниш и други српски градови, и годинава си играат руски рулет на патиштата во Македонија, брзајќи да стигнат до својата дестинација.

Се претекнува на полна линија, не се спазуваат препораките за максимална дозволена брзина, и се загрозуваат животите на сите учесници во сообраќајот.

Минатата година, во ек на туристичката сезона на овој пат се случија голем број на тешки сообраќајни несреќи, токму поради брзо возење и претекнување на полна линија, и животот го изгубија голем број на патници, помеѓу кои и цели семејства.

Тогаш, голем број на граѓани на социјалните мрежи апелираа да се зголемат мерките за безбедност и претпазливост во сообраќајот, да се постават предупредувачки билборди, камери, но и да има зголемено полициско присуство на фрекфентните патишта за време на летниот период.

Набргу потоа, возило на Итната помош започна со редовни дежурства во близина на бензинската станица кај Демир Капија.

Но деновиве, и покрај раздвиженоста на оваа релација, не може да се забележи ниту возило на Итната помош, ниту пак полициска контрола на ризичниот пат.

Во текот на минатата година на патишатата во земјава се случиле 3904 сообраќајни незгоди со потешки последици, а 150 лица го изгубиле животот. Дури 96 отсто од незгодите се случиле поради грешка на возачите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости