Денеска е Божиќ, денот кога се родил Исус Христос. Православните верници на 7-ми јануари го прославуваат Христовото раѓање низ сите храмови. Главната литургија се одржува утринава во Соборниот храм во Скопје со која чиноначалствува Поглаварот на МПЦ- ОА, Г.Г. Стефан.
Литургијата се уште е во тек, а од Соборниот храм се испраќаат пораки за љубов, почитување, солидарност и верба во Бога. Православните христијани од утрината ги полнат црквите со поздравот „Христос се роди, навистина се роди“.
По бадникарската вечер, славењето на Божиќ продолжува пред се во кругот на семејството, со традиционалните обичаи.
По повод празникот, поглаварот на МПЦ, Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква -Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое меѓудругото се вели:
„Приврзаноста кон својата духовна мајка, нашиот народ ја потврдил и со постојаните обиди да ја возобнови древната Охридска архиепископија како своја Македонска православна црква, што нашите претходници успеале да го направат на Црковно – народниот собор во Охрид, во 1958 година. Благодетите од тој историски чин се почувствувале не само во Република Македонија, туку и меѓу иселените Македонци по светот. Тие придобивки постојано се намножуваат, потврдувајќи дека Црквата била и останува еден од најцврстите столбови на македонското опстојување. Оттаму, на овие и на идните наши потомци им останува аманетот да се грижат, да го чуваат и надградуваат делото на нашите постари, останувајќи верни на верата без која не може да Му се угоди на Бога. Во ова време на изгубени вредности, да се погрижиме да ги зачуваме сакралните реткости и убавини. Нашите цркви и манастири постојано ги демнат најразлични противници и непријатели, криминалци и крадци, и тоа со единствена цел – наштетувајќи ѝ на нашата света Црква со бришењето на духовното богатство на нашиот народ, да го уништат и нашиот национален и духовен континуитет и опстој.
Во оваа прилика, исто така, повикуваме на потребата да го чуваме и градиме мирот и единството меѓу нас самите, и овде во Татковината и насекаде каде што нè има по светот, како во Црквата, така и во сите македонски средини и заедници. Бидејќи само единствени, само кога сме заедно, можеме подобро и посигурно да одговориме на сите предизвици и искушенија.“