Христијанските верници го празнуваат празникот Прочка

by Fokus

Прочка е празник на кој христијанските верници меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Празникот Прочка е подвижен празник, кој ја менува датата, во зависност од тоа на кој датум ќе биде Велигден и секогаш е 7 недели пред најголемиот христијански празник, а идеологијата е дека овој празник треба да го следи примерот на Исус Христос кој проповедал безусловно проштевање меѓу луѓето.

Правилото е дека секогаш помалиот член во семејството треба да побара прошка од постариот.

Претходната недела пред Прочка се нарекува и сиропусна недела, односно период кога не се јаде месо, туку само млечни производи и сукани пити, па заради ова големиот празник традиционално се одбележувал со богат ручек, кој завршувал со традиционалното амкање јајца.

Амкањето претставува обичај во кој едно варено нелупено јајце се врзува на конец и се обесувало на стапче или на сукало.

Децата во семејството седнувале на колена, а највозрасниот член во семејството требало да го ниша јајцето и да го доближува до устата до секое дете, кое викало: „ам, ам… и се обидувало со устата да го фати јајцето“

По ова јајцето се крши, се вади жолчката и во секоја половина од белката се става малку вода и сите учесници во амкањето требало да се напијат по некоја капка од водата.

Традиционално, по завршениот обичај, конецот се палел за да се види каква ќе биде годината за семејството. Ако конецот гори силно – тоа значи дека годината ќе биде здрава и среќна.

На крајот децата си барале прошка едно од друго, а потоа барале прошка од родителите.

Денот по прочка се нарекува и чист понеделник, односно денот кога започнуваат велигденските пости и со него се означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Поврзани новости