Деновиве е актуелна темата со планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно и новите раководители на објектот, планинарскиот спортски клуб „Х2О“. Овој клуб од неодамна доби дозвола од Федерацијата за планинарски спортови да стопанисува со домот во наредните пет години, откако со него претходно раководеше планинарскиот клуб „Бистра“.
Претседателот на „Х20“, Христифор Саракинов во интервју за „Фокус“ говореше за плановите и идеите кои клубот има намера да ги реализира во објектот на планината над Скопје.
Како што истакна Саракинов, целта е планинарскиот дом да се трансформира во урбан европски дом и околен простор, отворен за сите граѓани, рекреативци, спортисти, туристи, љубители на природата.
„Домот е во многу лоша состојба во моментот. Потребно е да се стават во функција сите простории на домот една по една за да може да ги привлечеме сите погоре споменати категории на луѓе. Само така ќе го доближиме враќањето кон природата и здравиот начин на живот на поголема маса на граѓани. За разлика од досега, кога домот е немилосрдно експлоатиран од мала група на луѓе за сопствена корист за викенд собиранки и пијанки до фајрон. Без да го исчистат, ниту делумно реновираат, а камоли да размислат за нивна поголема инволвираност за капитално средување на домот и негово оспособување за неговата првична намена. Планинарски дом за сите“, го започна разговорот Саракинов.
Тој додава дека изминатиот период во домот имало мувла, измет од стаорци, виснати електрични инсталации, неисчистени соблекувални без вентилација натрупани со искршени кепенци и искинати завеси, техничка вода од која бил правен чај и кафе за посетителите. Дури и случај на наводна дезинтерија пред некоја година поради нехлорирање на техничката вода со која се приготвувала дури и храна без санитетски услови за истото. Сето тоа мора да се промени веднаш, категоричен е нашиот соговорник.
„Ќе се направат нови соблекувални во внатрешноста на домот, но и надвор од домот кои би биле во функција постојано – 365 дена во годината, ќе се промени системот на греење од аналоген – ќумбе кое чади на сред трпезарија, главната просторија, со централно греење на радијатори затоа што ќе се инсталира нов систем-котел на пелети. Целиот проект опфаќа санација, зајакнување, реконструкција, адаптација и ревитализација на сите целини од домот. Подрумските простории ќе се оспособат во спиечки капацитети, приземјето (трпезаријата) ќе добие нов лик со зачувување на традицијата на домот. Санација на кровот, заради протекување“, раскажува Саракинов.
Предвидено е на првиот спрат да има мултимедијална и мултифункционална просторија за едукација, дружења или дополнителен простор за спиење зависно од потребите на посетителите. Исто така, планирана е санација и ревитализација на терасата од протекување на вода во подрумските простории, дополнување со седечки капацитети, тенда, паркинг за велосипеди, дрвени справи за вежбање со почитување на природата, велосипедска сервисна станица, обнова на екстериерот на домот.
Најголем проблем во објектот е немањето на вода, а Саракинов упати и апел до градските власти што поскоро да го решат овој проблем.
„Без разлика кој бил, кој е и кој ќе дојде на власт во градската управа, според мене ќе има најуспешна кампања, а воедно и проект ако донесе вода до врв на Водно. Пред се Водно е за сите граѓани, за Скопје, за Македонија. Во моментов без јавни тоалети, без тоалет во внатрешноста кој може да го користат посетителите на домот, без основни санитарни услови во 21 век во главниот град на Македонија. Во минатото имаше разни вести за бушотини од 150 метри длабина при што компанија наводно дошла до вода на Водно. Тоа е голем спас за домот, и негово поврзување со дотур на вода“, анализира тој.
Низ јавноста кружат разговорите дека Х2О е новоформиран клуб, но тоа е всушност поранешно планинарско друштво „Макпетрол“, кое од 2020 година се реименува во „Х2О“.
Цели и задачи на друштвото се да ги собира работните луѓе и граѓаните, а особено младината и подмладокот и да ги воспитува за активно движење и снаоѓање во природа, а особено во планина заради рекреација и физичко воспитување, а како хуманитарна организација оспособува кадри и врши спасување на луѓе и имоти во планина и во други елементарни непогоди, да ги запознае со постојните и да пронаоѓа нови природни убавини, богатства и културно-историски споменици.
– преку општествена дејност да ги воспитува своите членови за совладување препреки во природа, да негува позитивна основна, општествена, активна и прогресивна личност, особено кај нив да создава навики за организирана и колективна активност.
– да работи на запознавање и зближување со другите народи преку соработка со планинарски и други напредни организации во светот во духот на прогресивната солидарност.
Кај дел од планинарската јавност се стравува дека планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ би бил претворен во ресторан, со што би се изгубила магијата на планинарењето. Сепак, Саракинов негира такви идеи и ги отфрла тие шпекулации.
„Домот нема да биде ресторан, кафеана, ниту хотел, за сето тоа не постојат елементарни услови. А и доколку постоеја. Ние, како планинарски клуб сме обврзани со договор да го запазиме и негуваме планинарскиот дух на домот. Цените ни на крај памет не ни паѓа да бидат високи. Ние доаѓаме од планинарската заедница и планираме уште долго да останеме во неа со кренати глави и достоинство“, објаснува претседателот на „Х2О“.
Во проектот имаме наведено дека ќе има до 20 постојани легла, и дополнителни зависно од потребите. Ќе бидат ставени во функција тогаш кога ќе се овозможат позитивни услови за тоа. Саракинов се пожали и на лошата кампања против „Х2О“ и ветува дека ќе ги исполнат сите предвидени промени кои се очекува да се случат во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“.
„Крајно непотребна е лошата кампања која ја започнаа против нас. За жал дел од планинарската фела, без да ги знае деталите околу домот, понесена од емоции, се приклучи без извесна резерва и веќе сигурно се чувствуваат изманипулирани, изиграни кога веќе полека ја согледуваат вистината. Се што наведовме во проектот за ревитализација и обнова на домот ќе оствариме. Даре Џамбаз ќе биде најубавиот планинарски дом во Македонија. Оставете времето да покаже“, го заврши разговорот Саракинов.
Јорданчо Цветаноски