Хорот „Мирче Ацев“ оди на натпревар во Молдавија: Да и донесеме награда на Македонија

by fokus

Академскиот хор „Мирче Ацев“ утре заминува на петдневен хорски натпревар во Молдавија. Членовите на овој хор речиси месец и пол интензивно се подготвуваа за концертите што претстојат во главниот град на Молдавија, Кишињев и очекуваат добар настап и потајно посакуваат добра награда.

Диригентот Јасмина Ѓорѓеска веќе четири години работи со овој хор. Според неа, хорот пораснал квалитативно во изминатиот период и очекува дека хористите ќе се покажат во најдобро светло.

„Очекувањата се да се претставиме во најдобро светло. Материјалот генерално е подготвен. Се ќе зависи од самиот момент на настап и од конкуренцијата што ќе владее. Ќе има хорови од Романија, Унгарија, Русија, Молдавија, Бугарија и ние како претставници од Македонија. Репертоарот ни станува се побогат и поразновиден. Би ги издвоила концертите во Македонија со Балтепе суитата за мешан хор и оркестар. Би го истакнала и натпреварот во Ниш, каде освоивме награда за најдобра програма и за најдобар млад перспективен диригент. Во Германија во три категории освоивме три награди, што е голем резултат, бидејќи имаше хорови од цел свет“, истакна Ѓорѓеска.

Јордан Ѓурчески веќе осум години е член на хорот „Мирче Ацев“ и посакува во Македонија да се вратат со награда.

„Најпрво би сакал да се претставиме на најдобар можен начин. Ако го постигнеме тоа, би требало да следи и некоја награда. Периодот додека се подготвувавме беше напорен, но тоа е веќе стандарден процес како и секоја година со зголемен број на проби. Многу е важно што претходно сме имале повеќе концерти и верувам дека хорот ќе блесне во Молдавија“, додаде Ѓурчески.

20 години Александар Трајковски пее во овој хор и е еден од најискусните членови. Како што вели Трајковски, гостувањето во Молдавија е предизвик за нив и има позитивни очекувања.

„Со оглед на тоа што „Мирче Ацев“ на сите меѓународни и домашни концерти се има претставено во најдобро светло, очекувам и овојпат тоа да биде така. За првпат во својата историја хорот настапува во оваа земја. За сите нас тоа е огромен предизвик, а последните години освојуваме награди секаде каде што настапуваме. Очекуваме еден успешен континуитет. Нормално е пред концерти, пробите да се интензивираат и да се даде максимумот. Беше напорно, но сето тоа се издржува кога пред себе имаш зацртана цел“, рече Трајковски.

Освен, натпреварувачкиот дел, хорот „Мирче Ацев“ ќе настапи и на некои концерти предвидени од организаторот.

Хористите од Македонија во натпреварувачкиот дел ќе се претстават со „Орал дедо“ од Драган Шуплевски, „Golema C’ckalica“ од Драгана Величковиќ, „V Molitvah Neusïpayushchuyu Bogoroditsu“ на Сергеј Рахмањинов, „Il est bel et bon“, дело на Пјер Пасеро и „Northern Lights“ од Ола Гјеило.

Во останатиот дел од натпреварот, хористите на „Мирче Ацев“ ќе ги изведат „Чар шукарие“ и “Рум, дум, дум“ од Драган Шуплевски, „Македонска хумореска“ од Тодор Скаловски, „Калеш Анѓо и Момиче мало“ – Стефан Гајдов, „Тебе поем“ од Стеван Мокрањац. Сите хорови ќе имаат и заедничка изведба на композицијата „Ave verum corpus“ на Волфганг Амадеус Моцарт.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости