Меѓу Северна Македонија и Бугарија има добрососедски односи. Бугарија прва ја призна Северна Македонија како независна и е силен поддржувач на европеизацијата на целиот регион, особено на процесот на приближување на Северна Македонија кон ЕУ. Освен тоа, постои и Договор за добрососедство и, според мене, тој треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе, рече денеска амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.
Во интервјуто за Студио 10 на Телевизија 24, Холштајн истакна дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија. Важно е, порача, да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Северна Македонија.
Таа се осврна на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.
-Елисејскиот договор е склучен 18 години по крајот на Втората светска војна и ставил крај на т.н. исконско непријателство меѓу двете земји, со што се создала политичка, правна и симболична основа за заедничка соработка, рече амбасадорката.
Во однос на Европската унија, потенцира дека тоа е заедница на вредности: демократија, правна држава, независно судство, слободни медиуми и целосна еднаквост за сите.
-Тоа се вредности на кои ЕУ почива како целина и тоа е и нашиот слоган „единство во разноликост“. Не смееме да толерираме во земји-членки да има развои кои се далеку од тие вредности, истакна Холштајн.