Холандски европратеници бараат да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени

by Fokus

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска и утре одржува седница на чиј дневен ред, меѓу останатите е и расправата и гласањето по Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Овој извештај е изработен по извештајот на Европската комисија, во кој се поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

На Предлог-извештајот се поднесени дури 320 амандмани, од кои педестина се од бугарски европратеници.

Бугарските европратеници со амндманите прават обид да се исфрли делот од извештајот во кој се бара преговарачкиот процес да не се злоупотребува за решавање на билатерални спорови, а место тоа да се вметне спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како услов за прием на земјава во ЕУ.

Со амандманска интервенција се прави обид и во заклучоците да се вметне дека во земјава е нарушена безбедносната состојба со присуство на повратници на Исламската држава и на вехабисти, како и дека има зголемено турско, иранско и кинеско влијание.

Во амандман на хрватска пратеничка се бара еднаков пристап до политичко учество, образование и јавна администрација на припадниците сите етнички заедници во земјава, а грчки европратеници бараат место „взаемна имплементација“ на договорите со Грција и Бугарија да стои „имплементација со добра волја“.

Холандската европратеничка пак предлага амандман со кој се осудува говорот на омраза и заканите што доаѓаат од  екстремни бугарски политичари кон земјава, како заканите упатени кон претседателот Стево Пендаровски и ширењето на идеи за Голема Бугарија, кои се оценуваат како спротивно на европските вредности и дека ги нарушуваат добрососедските односи.

Оваа европратеничка бара целосно почитување на македонскиот идентитет, јазик и историја од страна на сите земји членки на ЕУ, спорот околу историјата да се решава надвор од преговорите за членство, како и да се повлече поддршката на Европскиот парламент за уставните измени.

.Во нацрт-текстот на европратеникот се поздравува континуираната посветеност на земјава за интеграција во Унијата, која се заснова на одржлив напредок во обезбедувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, додека се движи кон усогласување на политиките. Се поздравува и целосното усогласување на земјава со надворешната и безбедносната политика на Унијата .

Предлог-документот, кој е на десет страници, ги повикува креаторите на политиките во земјава да поттикнат национален консензус за интеграцијата во ЕУ и да работат на амбициозната цел за исполнување на критериумите за членство во Унијата.

Во извештајот се поздравува „добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Северна Македонија“ и се повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

Во текстот се нагласува и посветеноста на земјава за позитивна дипломатија и добрососедски односи и се повторува целосната поддршка за доследно спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договорот со Грција, но се предупредува и на „обидите за поткопување на билатерални односи“ и се изразува жалење за сите „внатрешни и надворешни дејствија што ја поткопуваат стабилноста и го загрозуваат регионалното помирување“.

Во Нацрт-извештајот се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи и на враќање на довербата и соработката во меѓусебно почитување и во дух на добрососедство.

До носителите на политички одлуки  во Бугарија и Северна Македонија се упатува апел да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство и се изразува поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог за да се решат билатералните разлики.

 

Поврзани новости