Холандија стави во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет, кој стана нелегитимно тело, вели холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп, за „Радио Слободна Европа“.
„Случајот со Судскиот совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан Холандија сега стави во мирување еден голем проект со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, изјави Коп за „РСЕ“.
Случајот со Судскиот совет почна минатиот месец кога потпретседателот на Советот Селим Адеми ја разреши претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, иако немаше таква точка на таа седница. Тој прво побара таа сама да даде оставка, а откако таа одби, тој со помош на останатите членови на Советот ја разреши.
Јавните реакции на начинот на работа на Судскиот совет кулминираа овој месец кога новиот претседател на советот Сашко Георгиев побара новинарите да ги исклучат камерите, бидејќи таква одлука донел советот. На тоа се спротивстави Дамева, која рече дека не ја консултирале при носење на одлуката и дека нема таква одлука. По тоа реагираше стручната јкавност, која бараше оставки од сите членови на советот.
Амбасадорот Коп случајот со Судскиот совет го наведува еден од многуте лоши случаи со кои е намалена довербара во судскиот систем. Друг проблем според него се враќањето на предметите за високи функционерио на повторно судење, кои претходно ги водеше специјалното јавно обвинителство.м
„Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго. Дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, рече Коп.