Холандската полиција, во текот на ноќта, ги растера демонстрантите, приврзаници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од пред турскиот конзулат во Ротердам.
Тие протестираа откако на турската министерка за семејни прашања Фатма Бетул Каја и беше оневозможен пристап до тој објект. Министерката потоа беше протерана од Холандија и со придружба на полиција доведена до границата со Германија.
Во Ротердам, холандските сили за безбедност со употреба на водени топови ги растераа демонстрантите собрани пред турскиот конзулат.
Холандскиот премиер Марк Руте преку социјалните мрежи порача дека било барано разумно решение, но тоа се покажало невозможно.
– Холандската Влада ја прогласи министерката за непожелно лице, па согласно нашите прописи таквата личност мора да се протера и врати од каде и дошла, односно во овој случај во Германија. Беа потребни неколку часа преговарање за да ја натераме да излезе од возилото и да можеме да ја протераме. Моравме да провериме и дали нејзиното обезбедување, 10 до 15 лица, се вооружени, изјави градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб.
Не беше мирно ниту пред холандската амбасада во Анкара. Турското Министерство за надворешни работи од безбедносни причини го затвори пристапот до тој објект, но исто така и до конзултатот во Истанбул. Слични мерки се во сила и пред резиденцијата на холандскиот амбасадор.
Дипломатскиот судир меѓу Холандија и Турција се одвива на само три дена пред парламентарните избори во Холандија.
Вчера изутрина холандската Влада ја повлече дозволата за слетување на територијата на земјата на авионот со кој турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу требаше да пристигне на митинг во Ротердам.
Ваквата своја одлука холандската Влада ја образложи со ставот дека стравува оти престојот на Чавушоглу во Ротердам би можел да ги „загрози јавниот ред и безбедност“.